ПОД СЕНКИТЕ НА САН СТЕФАНО

Пишува: Владимир Перев

loading...

Пред 143 години, на 3-ти март 1878 година, во малото питорескно место Сан Стефано, во предградието на Цариград, потпишан е познатиот Сан Стефански мировен договор со кој се завршува Руско-Турската војна и се формира вазалното кнежевство Бугарија. Иствремено Србија, Црна Гора и Романија се признати за независни држави. Кнежевството Бугарија тогаш се формира во рамките на своите етнички граници и за прв пат се простира речиси на територии идентични или дури и поголеми от териториите на Самуиловото царство.

Формирањето на толку големата бугарска држава, великите сили го сметаат за неоснован подарок од Русија на Бугарија и само неколку месеци подоцна, во периодот јуни-јули1878 година, на Берлинскиот конгрес, Бугарија ги губи “подарените“ територии и е сведена на едно мало кнежевство, одново зависно од Русија. Впрочем договорот е потпишан само меѓу претставителите на Царството Русија и на Османската империја, бугарските и други претставници воопшто и не биле присутни на потпишувањето, а злите јазици тврдат дека и не знаеле до последниот час што се потпишува.

Основниот продукт на тој договор е надежта на поробеното население за слобода и обединување, а последиците од Берлинскиот конгрес водат до неколку последователни војни кои, освен Српско-Бугарската (Обединението) 1885 година, Бугарија ги губи, губејќи притоа и дел од своите територии и значително количество на национална гордост.

Тешки и дебели се сенките на Сан Стефано. Поминаа повеќе од сто и четириесет години а Бугарија сеуште не може да се пребори со проклетството на тој несреќен договор, кој ја обележа како сателит на Русија и нејзин сојузник во сите дејствија на Руската империја во завладувањето на “топлите мориња“. Иако беше во две светски војни сојузник на империјалистичката Германија, “руското проклетство“ остана траен белег на нејзината државност, за сето тоа да заврши со директна руска/советска окупација на Бугарија во 1944 година, иако само Бугарија не војуваше против советската Русија.

Руската окупација по 1944 година, па се до 1990 година, напреднатата бугарска економија, индустрија и земјоделие ги доведе до тотален колапс, советите го ограбија бугарското национално богатство кое само на почетокот е забележано во висина од 34 тони златни резерви на Бугарската народна банка, за потоа да дојде до целосен економски срив и невидена беда на населението на поробената Бугарија.


loading...

Поразените и осиромашени бугарски граѓани, го загубија своето лично достоинство и гордост, за потоа целата држава да го загуби високиот меѓународен рејтинг кој го имаше во периодот пред 1944 година. И тогаш Бугарија може би не била многу богата држава, но била држава за пример, почитуван пријател и уште повеќе респектиран непријател. Денес е напредна држава во рамките на ЕУ, но сенките, дебелите сенки на руската империјална политика, сенките на руската окупација и сентиментот кој сеуште некои го негуваат кон Русија, говори за дебелите и мрачни сенки на Сан Стефано и никогаш доизјаснетата позиција по тој несреќен договор.

Зошто е тоа така? За поробеното население на Македонија и Тракија, Сан Стефано од остварен сон за долгоочекуваната слобода, се претвора во далечен мираж на неостварените желби за слобода и единство на бугарското племе, илузија за навидум реализираното величие од Самуиловиот период и царството на Асеновците. За поробените македонци Сан Стефано е сенката за одмор, по долгото и тешко патување низ ропскиот османски систем. Така Сан Стефано станува неостварениот симбол на светлината и слободата, симбол на единството. Тоа е местото каде што ја имаа илузијата дека сите заедно ќе се одморат од долгиот пат кон слободата и ќе го отфрлат ропскиот јарем.

Денес е малку важно дали Трети март ќе биде државниот празник на Бугарија, или тоа ќе биде некој друг, сосема обичен ден. Може да биде и некој необичен, особен ден…барем такви ги има многу во општата историја на бугарскиот и македонскиот народ. Но кој друг ден и да биде нашиот државен или ако саката државотворен парзник, сенките на Сан Стефано секогаш ќе бидат над нашите глави. Сега знаеме дека тие сенки ја замрачиле светлината на слободата и стојат како проклетство над нашите глави.

Со сето проклетство што го донесе духовното и материјално робство на нашите народи по 1878 година, сепак Сан Стефано останува како првиот зрак, првиот весник на слободата на поробените и обесправените. На овој ден ние се гордееме со стекнатото, оддаваме почит на сите жртви во освојувањето на слободата и никогаш, никогаш не треба да ги заборавиме гревовите силите кои го злоупотрбија и се уште го злоупотребуваат нашиот национален идеал…слободата и единството на бугарското племе!