|

Арсовска: Ниту можам ниту сакам да донесам одлука за отстапување на Универзалната, тоа ќе го направи Советот

Дали Град Скопје ќе ја отстапи Универзалната сала на Владата ќе одлучи Советот на Скопје, соопшти денес градоначалничката Данела Арсовска. Извести дека има иницијатива од некои од советниците салата привремено да ѝ се отстапи на Владата.

„Универзалната сала е симболот на градот. Тоа не е одлука што јас како градоначалник ниту можам ниту сакам да ја направам. Поради несоодветно планирање и проектирање, таа е соочена со многубројни проблеми и сметам дека овие работи треба да се дискутираат и разговараат како точка на дневниот ред како иницијатива. Одлука не може денес да се донесе“, порача Арсовска.

Инаку, на 16 ноември лани, министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, информира дека имаат комплетна согласност од градоначалничката за Универзалната сала целосно да ја преземе Министерство за култура. Истиот ден Град Скопје соопшти дека за ова прашање Градот ќе изјасни кога ќе добие официјално барање од Министерството.

Арсовска денес побара поддршка од советниците на Град Скопје со цел да се реализира тоа што им е ветено на граѓаните.

„Тие да не се водат од партиски интереси. Тоа што тие ги блокираат проектите, последиците ги чувствуваат граѓаните“, рече градоначалничката Арсовска.

Таа апелира советниците да ги надминат политичките игри за граѓаните да не бидат заложници на политиката и побара поддршка и за предложената набавка на екоавтобуси и за намалување на цените на такси-услугите.

 

Слични Објави