|

Мијалков од еден во друг суд: рочиштето за прислушувањето одложено за да му се суди за изборни нерегуларности

Рочиштето за „Титаник 2“ го одложи судењето за „Таргет – Тврдина“. По испитувањето еден сведок, рочиштето не можеше да продолжи. Бидејќи ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет во двата предмета, а за „Титаник 2“ денеска има јавна седница во Апелација, судијата Илија Трпков одлучи да го прекине рочиштето и додели термини во април. Испитувањето на вториот од петте сведоци ќе продолжи идниот месец.

Мијалков, пак, кој е спроведен од затворот во Струга, каде што издржува затворска казна за „Империја“, со полицајците отиде во соседната зграда на Апелација. Таму ќе треба да се одржи јавна седница за „Титаник 2“, предмет за изборни нерегуларности, а на која судиите ќе треба да кажат и кога точно застарува делото на ексдиректорот на УБК. Доколку седницата се одржи, веќе денеска ќе може да има одлука.

Секој ден е важен и за предметот „Таргет – Тврдина“. За овој предмет, чие рочиште денеска се одложи, утврдени се два термина во април и пет термини во мај. Кривичен рече дека судијата Илија Трпков има во план забрзано да го суди. Свесен е дека предметот е обемен, дека мора да постапи во согласност со насоките од Апелација, која ја укина пресудата.

Ако динамиката тече исто како и претходно, а делата на обвинетите им застаруваат во 2025 година, односно за две години, тогаш пресметките покажуваат дека е невозможно да се дочека одговорност за масовното прислушување.

Застарувањето на делата за Мијалков и другите обвинети за прислушувањето ќе значи дека државата ќе треба да им плаќа отштета на сите незаконски прислушувани граѓани. Ова е трето по ред прислушување што е на пат да остане неказнето.

Слични Објави