| |

ЧОВЕЧКО-КУЧЕШКИОТ ЖИВОТ, МРЗЕЛИВОСТА, ПАРИТЕ И ФОТЕЛЈАТА

„Вчера во 11.00 часот во Полициската станица Центар, А.Г.(29) од Скопје пријавила дека истиот ден 09.30 часот на ул. „Кеј 13-ти Ноември“ била касната од куче скитник во пределот на левата потколеница. Истиот ден во 14.00 часот во Полициската станица Центар, Ј.Н.(37) од Скопје пријавил дека на во саботата околу 16.00 часот на улица „Капиштец“ неговиот 14-годишен син бил каснат од куче скитник во пределот на левата надколеница.“

Пасусот што го прочитавте погоре е од денешните вести на сите наши македонски портали. Изненадување? Ма никако. Веќе и како да не се интересни овие вести. Па не е прв пат нели? Овој проблем се влечка години наназад. Толку ли е тешко да се реши овој проблем? Или како по обичај во нашата земја се додека не дојде „коса до рамена“ никој ништо нема да преземе. Па што е едно касање? Џудо големо, за недела, две ќе помине раната. Мислам знаејќи како функционира нашето здравство сепак да се надеваме дека ќе помине…


Проблемов со кучињата скитници не е само на териотријата на град Скопје. Ова навидум така страшно нерешливо прашање е за на цела територија на Македонија.

„Ќе, ќе ќе“… Ветувања еден куп претворени во бели лаги. Е поради тие бели лаги барем еднаш неделно имаме по еден нов истрауматизиран и повреден граѓанин. Бидејќи некако сите се повлекуваат, и политичари и организации кои се должни за заштита на животните, се прашувам ние останативе, плебсот за вас, каде да си ја бараме правдата?
Не дај Боже да удриш куче (иако во самоодбрана) Анима М(Д)унди има да те распнат и изгорат од тужби. Се прашувам горенаведените повредени луѓе и сите оние кои се соочиле со ваква непријатна ситуација каде треба да одат и да се пожалат? Ќе ги чуе ли некој? Кој ќе сноси одговорност за тоа што тие се повредени? Да не се лажеме… Апсолутно никој!

Што чекате господа од власта? Што чекате и вие невладини организации за заштита на животните, што земате купишта пари за проекти? Чекате граѓаните сами да ја земат правдата во свои раце?! Јас мислам дека да. Бидејќи тогаш ќе имате за што да ја рекламирате вашата „загриженост“ по телевизии… Ќе ви се отвори колку -толку работа, та да не речат другите дека скрос сте исчезнале.

Јас викам вака. Од сега па натаму за секој напад на граѓанин од куче скитник да се тужи градоначалникот на општината. Бидејќи единствено одговорен е тој. Тој и неговите вработени во општината се единствените кои требаше да го сработат ова и до сега да биде завршено. Кога обичен граѓанин доцни на работно место, тој е казнет по џебот. Еве вие не ја завршивте вашата работа, редно е да бидете казнети по вашиот џеб. И бидејќи човекот најмногу го боли кога ќе му земеш негови пари, белки и вам ќе ви дојде паметот и ќе почнете да работите. И нели сепак редно е и кучињата па и ние луѓето да видиме аир од вас. Ако не ве бива знаете што треба. Оставка!

Автор: Елизабета Најдоска Величкова



Слични Објави