| |

„Човекот со многу имиња“ од бугарскиот писател Георги Господинов е исполнет со имагинација и топлина, пишува британски „Гардијан“

Збирката „Човекот со многу имиња“ (The Man with Many Names) на добитникот на Меѓународната награда „Букер“, Георги Господинов, е исполнета со имагинација и топлина, пишува британски „Гардијан“ во својот осврт за изданието, пренесува БТА.

Во истоимениот расказ од збирката, раскажувачот споделува: „Да ги раскажуваме нашите лични приказни е единствениот потег што можеме да го направиме… и кој ни овозможува барем за малку да го одложиме неизбежниот крај на оваа игра.“

Ова е можеби најточниот опис на една од главните теми на кои бугарскиот писател постојано им се навраќа – приказните и нивната моќ да го нарушат линеарниот тек на животот, забележува „Гардијан“.

Слично на својот идол Хорхе Луис Борхес, Господинов е склон кон книжевна провокација и превртување на воспоставените претстави. Тој ја зема „играта“ и ги препишува нејзините правила, ја превртува таблата за игра наопаку за да открие нови начини на кои го гледаме и го согледуваме светот.

Ако крајот е однапред одреден, магијата на Господинов се крие во неговото умеење да ги претвора расказите во почетоци што отвораат бескрајни можности.

„Човекот со многу имиња“ содржи 40 раскази од две збирки претходно објавени на бугарски јазик. Од посткомунистички реализам до експериментални сказни чие дејство се одвива во непознати светови, овие исклучително имагинативни дела обработуваат многу од темите карактеристични за неговата најпозната книга – „Времезасолниште“: детството, лавиринтите на јазикот и напнатоста меѓу фантазијата и реалноста.

Токму со „Времезасолниште“, Господинов ја освои Меѓународната награда „Букер“ во 2023 година, која ја подели со преведувачката Анџела Родел. Таа ја превела и оваа збирка.

И овде Родел мајсторски ги пренесува карактеристичната јазична економичност на Господинов, како и неговата разиграност и топлина како раскажувач, забележува „Гардијан“.

Британскиот весник го завршува својот осврт со неуловливиот лик на авторот – Гаустин, кој постојано го менува својот изглед и никогаш не е далеку од видокругот во творештвото на Господинов. Тој се појавува и во неколку раскази од збирката.

„Токму нему му ја должиме погоре споменатата идеја дека ‘приказните секогаш ќе го одложуваат крајот’, открива Господинов, како и низа други духовити и мудри реплики расфрлани низ книгата. Му симнуваме капа на Гаустин – и на Господинов, затоа што ни ги раскажува овие приказни, додека заедно со нив го одложуваме неизбежниот крај“, пишува „Гардијан“.

Георги Господинов ја претстави својата збирка раскази „Човекот со многу имиња“ на 10 ноември во книжарницата „Libreria“ во Лондон.

Слични Објави