| |

Работилница за деца и адолесценти од аутистичниот спектар се одржа денеска во Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје

Втората работилница од иницијативата на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, со учество на 50 деца и адолесценти од аутистичниот спектар, се одржа денеска. Таа вклучува разновидни уметнички и креативни активности за изработка на божиќни украси, насочени кон развој на имагинацијата, фината моторика, комуникациските вештини и социјалните контакти.

Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, во соработка со здружението „Во мојот свет“, организира серија креативни работилници за деца, млади и возрасни од аутистичниот спектар. Во иницијативата, посветена на социјалното вклучување, креативното самоизразување и градењето заедница, се вклучија вкупно над 150 деца, млади и возрасни од аутистичниот спектар, вклучително и лица со Аспергеров синдром.

Работилниците ја нагласуваат моќта на творештвото како средство за комуникација, социјално вклучување и развој на индивидуалниот потенцијал.

Преку цртање, применети уметности и разновидни забавни активности, учесниците имаат можност да ги развиваат својата имагинација, практичните вештини и креативниот потенцијал во средина што нуди поддршка и вклученост. Активностите се приспособени на индивидуалните потреби и можности на секој учесник и ќе се одвиваат со поддршка од стручни лица и обучувачи.

Првата работилница се одржа на 10 ноември во првиот дневен центар за возрасни лица со аутизам во Република Северна Македонија, основан со финансиска поддршка од Бугарија во рамките на Бугарската помош за развој, обезбедена преку Министерството за надворешни работи и Амбасадата на Бугарија во Скопје. Нејзиното одржување токму во овој центар ја надградува бугарската поддршка за изградба на социјална инфраструктура со конкретни иницијативи насочени кон подобрување на квалитетот на животот, поттикнување на самостојноста и целосното учество на лицата од аутистичниот спектар во општеството.

Останатите креативни работилници ќе се одржат во декември и на почетокот на 2027 година, во соработка со центрите за рана терапија во Скопје и Охрид. Со оваа иницијатива, Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје продолжува да ја проширува својата дејност надвор од традиционалните форми на културно претставување, афирмирајќи ги културата и творештвото како средства за општествена ангажираност, солидарност и вклучување.

Слични Објави