ГДУ-ШТИП: КОЛКУ ВРЕМЕ ТРЕБА ДА ПОМИНЕ ЗА ДА СЕ РЕШИ ПРОБЛЕМОТ ВО НАСЕЛБАТА БАБИ?

„Се плашиме дека ќе биде клише ако кажеме дека Јапонија се справува со последиците од природни катаклизми во рекордно време. Но Јапонците се познати како креативни и вредни луѓе.

Нашите локални власти, без разлика на нивната политичка обоеност, се познати по тоа дека се активираат само пред избори. Токму поради таа причина оваа улица во населба Баби стои раскопана веќе неколку месеци.

Што чекаат ЈП „ИСАР“, ЈП „СТИПИОН“ и другите јавни претпријатија? Можеби е распишан тендер, па се чека најповолната понуда? Не веруваме!
Ни фали домаќинско работење и грижа за граѓаните, кои и покрај фактот што редовно ги плаќаат сите даноци и други давачки, се принудени да ги кршат своите автомобили, возејќи во овие катастрофални услови.

Пријатели, за да се решаваат вакви проблеми, како овој на сликата, не требаат многу пари или пак елаборати од врвни научници, треба посветеност во решавањето на проблемите на граѓаните, потребен е и домаќинлук, бидејќи без него, ниту еден град или населено место не може да оди напред. Локалната власт е домаќинот на нашата куќа, а за тоа каков е домаќинот, можете слободно да пресудите откако ќе видите како е уредена неговата куќа.

Претставете си во вашиот дом да треба да смените цевка, да ископате низ двор сѐ што треба и да го оставите така раскопано? Штипјани не заслужуваат вакво неодговорно однесување кон нив и градот!!!

Почитувани, решете го ова, не е квантна физика, едноставно е и нема потреба да дебатираме повеќе“, се вели во соопштението на ГДУ-Штип.