ЧУПИЌ: МОЖЕ ДА СЕ ПРЕЖИВЕЕ И БЕЗ ПЛАТА, АМА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ЖИВЕЕ БЕЗ ОВОЈ ВАРДАР!

Беспарицата во актуелниот европски ракометен шампион Вардар сѐ уште е актуелна тема во медиумите ширум Стариот континент, особено кај во земјите кои имаат своите играчи во црвено-црниот тим како што е Хрватска.

Иван Чупиќ не може да крене глава од новинарите, кои се интересираат за ситуацијата во вардаровиот табор, особено за фактот како тој и неговото семејство се снаоѓаат без воопшто да примат плата.

„Секако дека не е идеално, но за нас играњето без плата и не е никаква новост или нешто што ни се случува првпат. Семејството ми е в ред и тоа ми е најважно. Секој си има своја работа, некој оди во градинка, некој во училиште, некој игра ракомет. Се навикнавме на беспарицата. Се издржува, можеме да преживееме и без плата, ама не и без овој Вардар“, открива Чупиќ.

Според хрватскиот крилен ракометар, во тимот сите се свесни за големите финансиски проблеми, но тие што во моментов се тука воопшто и не размислуваат да си заминат пред крајот на сезоната. Тој откри дека имале состанок со сопственикот Сергеј Самсоненко и дека до крајот на месецов многу повеќе работи околу иднината ќе бидат познати.

„Ниту ние што останавме, ниту навивачите кои ги има во голем број не сме се откажале од Вардар, а сигурен сум дека тоа никогаш нема да се случи. Сѐ останато е висока политика во која не се разбирам. Имавме состанок со Самсоненко и Михајло Михајловски, кои ни кажаа многу повеќе работи ќе се знаат до крајот на месецот. Што конкретно, не знам. Но, како и да е, до крајот на сезоната сум тука, а мислам исто размислуваат и останатите. Би сакал така да остане, да се стабилизираат работите, но засега навистина не знам ништо“, додаде Хрватот.

Вардар минатиот викенд го победи Мотор иако пред натпреварот остана без двајца важни ракометари, Данаис Криштопанс и Павел Атман, кои не издржаа да играат без плата и си најдоа нова средина. Добрата игра и големата енергија им дава надеж на црвено-црните за уште подобри игри во решавачкиот дел од сезоната во Лигата на шампионите и во СЕХА-лигата.

„Моравме да го победиме Мотор, ќе беше глупаво со друг резултат да си го ризикувавме пласманот во вториот круг и да упропастиме сѐ. Имаме уште два меча во ЛШ, па доаѓа осминафинале каде што ќе видиме со кого ќе играме. Имаме и четвртфинале во СЕХА со Нексе, па, се надевам ќе играме на Ф4 и таму. Така што не ни недостасува работа. Колку сме, толку сме, се ‘крпиме’. Ни кажаа дека можеби ќе дојдат уште двајца ракометари, но искрено не знам како ќе биде тоа изводливо во оваа ситуација. Одиме од ден во ден, ќе видиме каде ќе стигнеме. Едно е сигурно, ќе биде штета сѐ ова да згасне“, завршува Чупиќ.

Вардар следниот меч од ЛШ го игра на гостински терен кај Порто, што ќе биде директна битка за петтото место на табелата во групата. За крај на првата фаза ќе следи домашен меч со француски Монпелје.

Извор: Спорт1



Слични Објави