| |

Чувари на “патриотизмот”

Facebook статус на Никица Корубин

Ако предизборните “патриоти” и чувари на “патриотизмот” (читај, одржување на евроскептична статус кво ситуација), јасно се исцртуваа и истакнуваа, во ликот на тогашната опозиција, а сегашна власт, целосно помогнати медиумски и пропагандно од нашата “јавност”; постизборно ситуацијата драстично се промени. Главни, иако се’ уште не толку видливи, чувари на “патритоизмот” се тогашната власт, а сегашна опозиција и круговите околу нив.

Македонската, да нема дилема, затоа што дихотомијата кај албанскиот блок има ронка логика во ликот на ДУИ, кои моментално се единствената парламентарна политичка партија на целокупната политичка сцена, која доследно и целосно стои на европските и НАТО позиции, и на тој начин, и на појавно ниво го оправдува изборното претставување како “европски фронт”. За разлика од СДСМ, каде што предизборната декларативност на “европски”, постизборно речиси целосно исчезнува.

Феноменот на добивање на “патриотски побуди и нагони”, традиционално илустрирани преку бесконечната (зло)употреба на прашањето на името на државата и “тешките договори и жртви”, паралелно со добивање статус на опозиција, не е никаква новина, па ниту за СДСМ; кои веќе во минатото, како опозиционери се покажале како чувари на квази-патриотизмот “името не го даваме”.

Но, она што сега е дискутабилно и (траги)комично, е што на тој начин, не само што ја анулираат и дискредитираат својата улога во најголемата стабилизациона нишка во евро-атлантската интеграција на државата, Преспанскиот договор; туку активно помагаат во блокадата и потенцијалната дестабилизација на европската перспектива на Северна Македонија. Свесно или не, многу скоро ќе покаже времето, и нивното поведение, чиј почеток, за жал по ова прашање не ветува многу.

Па, така се’ почесто во јавниот дискурс, “предизвикувањето” на Преспанскиот договор, но и Договорот со Бугарија, иако спакувано во иронија и подбивање со неколкугодишните манипулации на ВМРО-ДПМНЕ околу можноста за нивна промена; всушност добива форма и наратив, на директен повик за нивно непочитување. Што како краен ефект има две нешта: метафорички се засилува свеста кај граѓаните дека договорите се лоши и на наша штета, а фактички не само што не се подобруваат, туку активно се влошуваат односите со соседите; кои сами по себе се темелен критериум и во преговарачката рамка, но и во фамозните Копенхашки критериуми, постојан предмет на ламентација за “неправдите кон нас”.

На страна што, апсолутно никој, вклучително и опозицијата и круговите околу неа, во своите јавно настапи не само што не ја елаборираат суштината на Преспанскиот договор, туку напротив, секогаш редовно забораваат да кажат една “ситница”, содржана во член 20 од Преспанскиот договор: “Одредбите од оваа спогодба остануваат во сила за неопределен период и се неотповикливи”. Како тогаш, прозивки и провокации за “поништување, за 80 пратеници, за внатрешна употреба, и секакви итрини”, освен голата вистина и последиците од неодговорното играње со неа. Макар и на зборови.

Преспанскиот договор го определува нашето членство во Обединетите нации, а не само името на државата и на тој начин е конечен и непроменлив; и после 30-тина години мајтапење и поигрување со елеменатарната информираност на граѓаните, минимумот кои го заслужуваат од секој еден кој се смета себе си, за европски и демократски ориентиран, декларативно или не; а е партија, партиски експерт или аналитичар, медиум или професор; е вистината, а не уште една тура манипулации. Кои, патем речено, вака и во ова време пласирани, се директна поддршка на блокадата на преговорите со ЕУ, а не на уставните измени. А, кога веќе сме кај уставните измени, кога тие последен пат беа тема на било која политичка партија, како единствен услов за деблокирање на самоблокадата која си ја наметнавме?

Што не’ води директно до уште еден предизборен “европски” фронт: ВЛЕН. Кој пак сега од позиција на власт, ги брои 6-те месеци рок, за уставни измени и излегувањето од владата. Звучи нереално? Можеби, ама реалноста е тука за демантирање. А, и секогаш може да се биде чувар на “патриотизмот”, и уште еднаш да се измешаат целосно власта и опозицијата, бидејќи кога станува збор за нашата “стату-кво ситуација” партиската припадност е ирелевантна. Но, она што е релевантно е времето и вистината. А, тие се немилосрдни. И за “чуварите” и за граѓаните.

Со тоа што сакаат монопол на дефиницијата на “патриотизам”, всушност сакаат монопол на вистината. А, вистината е дека нема поголем патриотизам од уредена, функционална и европска држава на владеење на правото, систем еднаков за сите, со предвидлива сегашност и иднина. Ама, за тоа треба доследност, принципиелност и искреност. И за почеток уставни измени веднаш.

Баш чудно како никогаш нема кандидати за чувари и промотори на овој вистински патриотизам? Политиката е динамична материја, а сцената е отворена. Секој бира каква улога сака да има. Патриот или лажен патриот?



Слични Објави