ЦИК: На претседателските избори во Бугарија ќе можат да гласаат 6,59 милиони граѓани, од кои 46 илјади за првпат
На претстојните претседателски избори во Бугарија ќе можат да гласаат 6 милиони и 590 илјади лица, од кои 46.001 за првпат. Ова го соопшти бугарската портпаролка на Централната изборна комисија (ЦИК), Стојанка Балова, на редовниот брифинг за подготовките за изборите за претседател и потпретседател во Бугарија на 25 октомври 2026 година, јавува БТА.
Во земјата ќе има 9.373 избирачки места на кои ќе се гласа со машина, а на 2.249 од нив ќе има по две машини, посочи таа. На изборниот ден ќе се користат вкупно 11.622 машини. Балова објасни дека веќе се испраќаат изборните материјали, хартиените гласачки ливчиња и ролните со специјална хартија за машините. На избирачките места со една машина ќе бидат доставени по две ролни, а на оние со две машини – по пет. До изборниот ден тие ќе бидат под строго обезбедување.
За гласањето во странство ќе бидат отворени 613 избирачки места, од кои на 242 ќе се гласа со машина, а на 24 ќе има по две машини. Доколку има втор круг, до избирачките места надвор од земјата ќе бидат испратени нови машини. Усвоени се и методолошките упатства за работа на избирачките комисии во странство. До крајот на денот ќе бидат именувани нивните членови, додаде портпаролката на ЦИК.
За лицата со попреченост, до 23 октомври ќе бидат отпечатени 1.500 тактилни шаблони за гласање со хартиени ливчиња, колку што изнесува и бројот на соодветните избирачки места. Печатницата „Демакс“ АД има обврска да ги транспортира до соодветните регионални изборни комисии (РИК), кои заедно со општинските администрации ќе ги распределат и предадат шаблоните и упатствата на ЦИК.
Балова објасни дека тактилниот шаблон целосно го покрива гласачкото ливче и има квадратни и кружни отвори на местата за означување на гласот. На него со Брајово писмо се испишани броевите на партиите и иницијативните одбори, како и полето „Не поддржувам никого“. На горниот дел од шаблонот со Брајово писмо е наведена изборната единица, а долж левиот раб се исечени квадратни отвори што точно се совпаѓаат со квадратчињата со броевите на партиите и иницијативните одбори што учествуваат на изборите.
Избирачите со оштетен вид или со тешкотии во движењето ќе можат да гласаат на места определени за таа цел, претежно на првиот кат од зградите во кои се сместени избирачките комисии. Тие можат да гласаат на соодветно избирачко место по сопствен избор, а избирачите со оштетен вид можат да гласаат самостојно.
Кога избирачот има оштетен вид, слух или друга попреченост што не му дозволува да ги изврши потребните дејства при гласањето, претседателот на комисијата може да дозволи гласањето, вклучително и со машина, да се изврши со помош на придружник избран од избирачот.
Во врска со формирањето избирачки места во здравствени установи, домови за стари лица, специјализирани установи за социјални услуги, затвори и притворски установи, како и на пловни објекти под бугарско знаме, ЦИК утврди дека избирачко место се формира доколку има најмалку 10 избирачи.
До 17 часот на 22 октомври треба да бидат известени надлежните органи за вклучувањето на овие избирачи во списоците, за да бидат избришани од избирачките списоци според нивната постојана адреса. На самиот изборен ден избирачите можат да бидат запишани на дополнителна страница во списоците, односно таканаречено „под цртата“. На овој начин се запишуваат и службено ангажираните лица од персоналот на овие установи.
До 23 октомври избирачите кај кои има пропусти или грешки во списоците можат да поднесат барање за вклучување во изборниот процес. Балова потсети дека во 00:00 часот на 23 октомври завршува предизборната кампања, а до 00:00 часот на 24 октомври е забрането објавување резултати од испитувања на јавното мислење во каква било форма. До 17 часот на 24 октомври партиите, коалициите и иницијативните одбори поднесуваат до РИК барања за регистрација на застапници на кандидатските листи.
До 27 октомври РИК треба да ѝ испратат на ЦИК скенирани записници со податоците од гласањето. Во истиот рок ЦИК ќе ги објави резултатите од изборите и имињата на избраните претседател и потпретседател, доколку бидат избрани. Ако ниту една кандидатска листа не биде избрана, ЦИК ги утврдува двете кандидатски листи со најмногу гласови и закажува втор круг за 1 ноември 2026 година.
Портпаролката на ЦИК потсети дека изборниот ден почнува во 7 часот и завршува во 20 часот, а во случај на продолжување – најдоцна во 21 часот. Истото важи и за гласањето надвор од земјата.
Резултатите се евидентираат откако избирачката комисија ќе го утврди исходот од гласањето, ќе состави записник и ќе го предаде до соодветната РИК. Избирачките комисии во странство го утврдуваат резултатот и составуваат записник најдоцна во рок од 24 часа, по што испраќаат скениран примерок до ЦИК.
Балова ја претстави и апликацијата на ЦИК „Избори 360°“, демонстрирајќи како можат да ја користат избирачите и членовите на избирачките комисии.
