ЦИВИЛ: СИТЕ ПРИЈАВИ ЗА КРШЕЊЕ НА ЧОВЕКОВИ ПРАВА И СЛОБОДИ СТАВЕНИ НА ЕДНО МЕСТО

„Цивил“ ги постави на едно место пријавите за кршење на човековите права и слободи во најширока смисла на зборот, говорот на омразата, лажните вести и случаите на корупција. Како што велат, сите граѓанки и граѓани што сакаат да учествуваат во граѓанскиот мониторинг на состојбите во нивните средини и воопшто во целата држава можат да го сторат тоа со само неколку кликови.

„Доволно е да се отвори веб-страницата ‘Граѓански објектив’ посветена на активизмот, граѓанското новинарство, човековите права, транспарентноста и одговорноста, во рубриката ‘Пријави’ и да се одбере потребниот формулар. За да се олесни комуникацијата, во случај пријавувачите да се двоумат која пријава да ја одберат, доволно е да го отворат формуларот ‘Човекови права’ и да ги внесат податоците во категоријата ‘Друго’. Причината за тоа е едноставна, сите облици на повреда и злоупотреби се дел од темите во корпусот на човековите права и слободи“, се вели во соопштението.

Од организацијата додаваат дека сите информации ќе бидат разгледани внимателно и ќе бидат подложени на проверки. Исто така, ќе бидат дел од извештаите на организацијата и од комуникацијата со јавноста и со институциите.

Сите пријави се анонимни, а податоците добиени од пријавите ќе бидат третирани на тој начин што, доколку се објавуваат или процесираат понатаму во институциите, ќе се обработат на тој начин што максимално ќе се заштитат изворите на информации.

„Цивил“ ги повикува сите да помогнат во откривањето на коруптивните и противзаконските дејствија, злоупотребите и кршењето на човековите права. Очекува предлози и насоки за подобрување на форматот на пријавите, формулацијата на прашањата и областите и сè друго што мислат дека може да помогне во овие заеднички напори и заложби.