ЌЕ СЕ НАЈДЕ ЛИ СОЛОМОНОВСКО РЕШЕНИЕ ЗА ГОЦЕ?

Има еден стар бугарски виц поврзан со споменикот на советската Црвена армија „Аљоша“ во убавиот Пловдив (на античкомакедонски Филипополис  ). Вицов иде вака некако, доаѓа руската делегација во Пловдив за откривањето на споменикот, застануваат Русиве пред монументот и еден од нив (тој со највжештената глава) почнал да вика „Аљоша е наш. Аљоша е наш“ од бугарската страна се јавил глас: „Аљоша е ваш, ама циментот (гранитот) е наш“.

Чив јунак е Гоце? Наш или на Бугарите? На Бугарите или наш? Не иде да измислуваме вицови за него нели? Звучи грозно, Гоце е ваш, ама коските негови се кај нас… Прости ми војводо, прости ми, а на тие што денеска ти ги роварат коските да не им простуваш!!!

Гоце Делчев е титанот на револуционерното дело во Македонија и Одринско. Човекот што ја разгорел искрата што се појавила на 23 октомври 1893 г. во Солун, кога се создавала Организацијата. Гоце Делчев е македонскиот Левски и неговата големина не може да биде дефинира со поделби. Гоцевата големина обединува.

Гоце Делчев бил Македонец, како и сите што потекнуваат од географската област Македонија. Гоце Делчев бил егзархиски учител, човек од доверба на Кнежеството Бугарија. Гоце Делчев имал за задача да го подготви населението на Македонија и Одринско за борба и ослободување од турскиот јарем. Гоце Делчев бил македоскиот Гарибалди. Гоце Делчев бил материјализираниот стремеж кон слобода на Македонија, затоа е и најголемиот нејзин син.

Денеска во ерата на интернет и на тоталната достапност на историските извори е смешно да се контраме каква била етничката припадност на Гоце Делчев. Тој немал дилеми, тоа се гледа од сите негови активности. Денеска ние, што не можеме ни до глуждот да му стигнеме на овој човек ги наметнуваме тие дилеми. Кој има интерес од истите? Сигурно не Македонија, а уште помалку Бугарија. Двете земји се братски и така треба да ги решаваат отворените прашања. Гоце би требало да нè спојува, а што се случува во реалноста?!

Засрамете се, зарем Гоце го заслужува тоа, да биде причина за омраза. Освестете се!!! Прочитајте малку повеќе и ќе ви стане јасно чив е Гоце наш или ваш.

Јас не сум историчар, потекнувам од комитска фамилија. Не сум ни објективен кога се работи за Организацијата. Таа е света работа и таква треба да остане. Гоце со сите негови човечки слабости е врвот во таа пирамида и таму не смее да се чепка. Гоце е… прочитајте ја песната на Пејо Јаворов за најголемиот македонски син.

„Ден денувам п’тишта незнајни, ношт ноштувам к’тишта потајни“…

Може да ви кажам нешто… Гоце не беше Македонец како тие заради кои ние денеска п’тишта го пишуваме со апостроф. Гоце не беше како нив, тие беа слуги на еден режим, а Гоце сонуваше и се бореше за слобода.

Еден од најомразните ликови за македонските левичари, антички Македонци, македонски патриоти на дување и разноразни други згрешени пулени на македонскиот порнонационализам, Тодор Александров, наредува таткото на Гоце Делчев, Никола, да добива пензија од Организацијата. Слугата на бугарскиот двор како што го нарекуваат некои забегани југоносталгичари и отворени србомани, Александров, се загрижил за таткото на Гоце Делчев, кој пак, од своја страна,  демек рекол „додека моето рамо крепи пушка, бугарски офицер нема да влезе во Македонија“. Бугарски офицер има проблем со бугарските офицери… ви има ли логика тоа? Знам сеа ќе нарипаат еден куп историчари и ќе почнат со бурекот, но ете кажете ми какви офицери биле: Тома Давидов, Марко Лерински, Тане Николов, Борис Дрангов, Борис Сарафов, Атанас Бабата и уште еден куп македонски војводи. Дури Александар Протоѓеров, чие убиство станало причина за поделбата на Организацијата на „протоѓеровисти“ и „михајловисти“ во нејзиниот подоцнежен период бил генерал од бугарската армија. Алоо ГЕНЕРАЛ, дали се слушаме патриоти?!

Чив е Гоце Делчев?

Наш е… Син на Македонија и етнички Бугарин. Верувајте многу поголем Македонец од сите вас кои го користите за да си ги лечите фрустрациите.

Не верувам дека ќе се најде соломоновско решение за Гоце. Згрешивме некаде по патот, плукнавме на неговите коски и на коските на неговите соборци и наследници. Срам да ни е!!!

PS: За српските националисти Гоце е бугарски бандит. А ние се караме чив јунак е и не го нарекуваме бандит. Ниту еден Бугарин или Македонец не се осудил и нема да се осуди да го нарече Гоце Делчев бандит. Отворете ги очите!!!

Автор: Атанас Величков