COPY-PASTE ВЛАДА НА РМ

Во недостаток на идеи најдобро е да не се мачиш, туку посегни во архивата и најди си некој проект што веќе некој друг го имплементирал или барем го изработил. Па после само смени му ги насловот и насловната страна и гурај го како свој, како рожба на мислата своја, како творба на уметничката муза.

ПЛАГИЈАТ? Нема шанса. Само снаодливост. Она што го немаш не можеш да го измислиш. Квалитетот што не го поседуваш не може никој да ти го одземе или пак оспори. Ти само гуркај си ја количката напред и надевај се дека некој уште се радува на стари финти и износени штосови. А гледај времето да е темпирано-предизборно, кога граѓаните најмногу се ложат на овие работи.

Како друго да се окарактеризираат најновите проекти на Владата на РМ? Премиерот ги најавува како нешто што ќе му го смени квалитетот на животот на нашите граѓани, Граѓанско Демократската Унија веднаш препознава крадење на идеи и вели гласно СТОП!

Зарем партијата на власт навистина ни ја поставија меѓународната заедница и странските служби? Зарем толку немаат никаков капацитет, па да мораат да одат по стапките на минатата режимска Влада? Ако е ДА, тогаш можеби ќе изгубиме уште неколку граѓани, по примерот на познатите азиланти, кои економски потковани со наши пари, ја напуштија државата која ја опљачкаа.
Па да почнеме. Ќе бришеме долгови во износ од 110 милиони евра, за електрична енергија потрошена пред 2006 година. Зарем истите долгови не ги избриша ДПМНЕ со нивниот проект кога беа долгови за електрична енергија пред 2013 година? Или има дупло сметководство во ЕВН (поранешно ЕСМ)?!

Ќе им го исплатиме долгот на лозарите. Ќе се пие вино, но платено со државни пари. Приватните винарии купија грозје, продадоа вино и сега ќе си имаат екстра профит за оданочување, затоа што државата ќе оди по нив да ги раздолжи. Сепак имиџот е важен. Проект со буџет скромен од 1.5 милиони евра. Лозарите радосни за парите со пот заработени, газдите пресреќни за добивката на државната лотарија. ВТЕВ, ВТЕВ и ВАМ СИ СЕ ПАДНА.

Зарем на Хрватска не и текна државата да си бркне во џебот и да ги подмири долговите на приватното АД АГРОКОР? Така им е кога ги немаат нашите советници. Ние мора да почнеме да ги извезуваме. Со нив овде-тешко ни се пишува.
Парите во буџетот им се од Бога дадени и овластувања над нив имаат само тие и СЕВИШНИОТ. Бидејќи тој не се интересира за земните задоволства, тие имаат монопол да си ги потрошат по сопствено убедување.

Во моментот тоа се гласовите на лозарите. После ќе дојдат тутунарите, па огледувачите на јаболка, на лубеници, на шипки, афион, канабис. Па ќе преминеме од овоштарство на сточарство и ќе ги израдуваме одгледувачите на овци, кози, говеда. Само што говедата не се садат-самите, не никнуваат.

Е сега останува само да видиме кој проект ќе го извадат од нафталин. Ги вратија и странските промотери, но откако им дадоа инструкции дека ќе се работи по друг терк, симболично различен од претходниот.

И сега истата постава, екипата за сите времиња, ќе трча за друг тренер и ќе гине за други идеали. Самоосвестувањето ни е на многу високо ниво така да многумина од ДПМНЕ си се покајаа за сторените греови и си останаа на функциите и во фотелјите, кои и онака си ги наследија од родителите или ги добија по сватовство.

Значи пак се си доаѓа на она песната „СЕ Е ИСТО САМО ЊЕГА НЕМА“. Само што не се однесува на другарот Тито, туку на личност од нашето блиско минато, која и ни најавува скоро враќање. А до тогаш да не менуваме многу, да не биде повторно „ШТО СУМ КРЕВАЛ РАКА“.

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово