Црвен тероризам

//

„Стравот е дел од нашата стратегија. Сакаме нашите противници да се плашат да излезат надвор и да ги одбранат своите убедувања“.

Со овие зборови започнува интервјуто на маскиран и облечен во црно член на антифашистичката организација „Антифа“ и нејзиното паравоено крило „Црн блок“. Интервјуто е дел од репортажа на популарниот медиум Vice, која има за цел да ни покаже една контроверзна политичка група, составена претежно од млади луѓе. Уште во првите кадри се гледаат младите антифашисти во целиот нивен сјај – сите во црно, вееат советски знамиња и извикуваат гордо и самоуверено: „Запри го расизмот, здроби го фашизмот, изеди ги богатите!”. За време на интервјуто тие ги мешаат течностите за  молотови коктели, со кои го „украсуваат“своето присуство на протестите. Младиот борец против фашизмот објаснува: “Ги знаеме состојбите во светот и тоа не принудува да излеземе на улица и да се бориме” …

Сите се сеќаваме, со ужас, на ладнокрвното убиство на млади левичари во Норвешка, извршено од Андерс Брејвик во името на борба против исламот и противниците на норвешката раса. Кога ќе слушнеме за екстремна десница или ултранационализам, речиси сите ние механички го „вклучуваме на алармот“. Во нашите глави за момент се појавуваат безмилосните одреди на Ернст Рем за време на „Кристалната ноќ“, или пак окупацијата на Источна Европа од страна на есесовските трупи на Калтенбрунер.

Но, зошто не нѐ плаши Антифа?

Зошто, ако видиме млади луѓе облечени во маици со ликот на Јозеф Менгеле, ќе бидеме шокирани и огорчени, а го игнорираме масовното носење на облека  со ликот на “касапот од Ла Кабала” Ернесто Че Гевара? Ние го игнорираме тој факт и оправдуваме со наивноста на младите. Но дали навистина овде се работи за наивност или во радикализирањето младите левичари од Запад се крие сериозна опасност?

Тероризмот претставува замисла, незаконска употреба на насилни дејствија и психолошка тортура, насочени кон невини луѓе, со цел да се предаде конкретна политичка порака. Самиот термин не е нов, навлезен е во речниците уште пред два века. Интересно е дека изданието на Вебстер од 1902 година експлицитно ги одредува како “терористи” партизаните на револуционерниот трибунал во Робеспиерова Франција.

Колку попрецизно се истражува историјата на тероризмот во минатиот век, толку подобро се гледа и нејзината боја, а таа е црвена. Најголемиот терористички чин извршен во Европа до 80-тите на XX век е експлозијата во црквата „Св. Недела“ во Софија од страна на припадници на Бугарската комунистичка партија. Исламскиот “самоубиствен појас” во голема мера беше откриен од Тамилските тигри, индиска револуционерна група од минатиот век. До Ал-Каеда и ИСИС, индиските секуларни социјалисти се „потпишале“ под речиси 2.500 жртви во повеќе од 32 земји.

Денешните маскирани млади се чини дека се далеку од овие злосторства во минатото. Но историска паралела е можна ако сметаме дека речиси три децении во втората половина на 20 век таканаречените “борбени комунистички организации” ја загрозуваат безбедноста и политичката стабилност на Западна Европа. Нивните кампањи на насилство и терор доведоа до смрт на истакнати бизнисмени, политичари, судии, полицајци и најобични граѓани. Под знамето на ленинизмот, тие бараа соборување на демократските влади. Врвот на нивните активности се годините 1984-1985, кога има дури седум активни милитантни комунистички групи во шест европски земји – Германија, Италија, Франција, Шпанија, Белгија и Грција.

Левите терористички групи се разликуваат од исламистите по огромниот број литературни материјали, во кои ги изложуваат детално своите позиции. Бројни се и нивните изјави за настани во светската политичка ситуација, познати меѓу пошироката јавност како прогласи до јавноста.  Тие се продаваат слободно во голем број левичарски книжарници во Барселона, Мадрид, Париз, Рим и др. Примери се Ligne Rouge во Белгија, Il Bolletino во Италија, L’Internationale во Франција, Radikal во Германија и многу други. Во еден од нив белгиската организација “Комунистички борбени ќелии” тврди за себе дека “она на што е важно да се нагласи, е марксистичко-ленинистичка политичка основа на нашата борба.”



Начинот на кој се финансираат овие групи, исто така е интересен. Тие најчесто прибегнуваат кон грабежи на банки или киднапирања со цел откуп. Милитантите комунисти не само што ја преземат одговорноста за овие грабежи, но и ги оправдуваат . Тоа се гледа во следниов извадок од интервју на член на француската борбена група “Action Directe”: “Банките крадат од луѓето преку јавен долг и илјада други варијанти на грабежот, затоа револуционерите крадат од банките и ги враќаат запленетите пари на луѓето преку нивната борба за социјализам . Нема ништо подостојно од тоа. ”

Од каде доаѓа таа увереност?

Наследувајќи го марксистичкото разбирање за историјата, комунистичките групи веруваат во историската неизбежност на нивната победа, односно сметаат дека човековите активности се пред се алатка за уривањето на капитализмот и доаѓањето на новото општество на иднината. Поради таа причина, тие се уверени во „моралната оправданост“ на сопствените криминални акти. Тие се свесни дека доаѓањето на новото општество на иднината нема да се случи само по себе, бидејќи според нив, низ годините пролетерската класа, „заспала“ и треба некој да ја „разбуди“.

Повеќе од суштинско значење за овие терористички групи е нивниот став за меѓународната политика. Во еден таков проглас од 1985 година вели: “Војна против империјалистичката војна!” Според нив сите меѓународни политички, економски и воени сојузи како НАТО, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската банка за развој и реконструкција се всушност хомогенизација на Западна Европа во услуга на САД. Според “Црвените бригади” империјалистичкиот начин на водење политика претставува “војна на богатиот, просперитетен и арогантен Запад против сиромашните народи од Третиот свет, за да се одржуваа нееднаквоста, меѓу луѓето и нивното ограбување.”

Токму против тоа се насочени нападите на комунистичките терористи. Во Рим на 15 февруари 1984 година италијанските “Црвени Бригади” го убиваат американскиот дипломат Лемон Хант, кој е генерален директор на меѓународна мировна организација во Египет. Од писмото, оставено до трупот, се разбира, дека “прасето ја заслужило својата судбина, бидејќи во текот на целата своја кариера ја вршело црната работа на американските империалисти”. Во Франкфурт на 30 ноември 1989 година командант од германската група „Баадер-Мајнхов“ го убива Алфред Херхаусен, претседател на Дојче банк. Според прогласот објавен после убиството, станува јасно дека: “Историјата на оваа банка ги носи со себе крвавите траги на две светски војни и милиони случаи на експлоатација.” Во Сарагоса на 27 март 1990 година, командант на шпанските “Групи за антифашистички отпор” пука по доктор Хозе Рамон Муњоз Фернандез, одговорен за третманот на двајца членови на GRAPO, кои штрајкувале со глад. И така натаму, и така натаму.

Во основата на долгата крвава историја, како што се гледа, стојат токму одушевени левичарски млади кои се убедени дека се борат во име на “доброто”. Токму затоа и денешнитe млади паѓаат во религиозна екстаза поради нивната наводна борба против злото и фашизмот. Тоа пак од своја страна болно потсетува на пророчките зборови изречени од британскиот државник Винстон Черчил: “Фашистите на иднината ќе се нарекуваат антифашисти.”

Автор: Стефан Кичев/Редута

Претходна статија

Обвинител врши увид во куќата во Тетово, каде загинаа мајка и нејзините деца

Следна статија

Џорџ Фридман: Само Русија има корист од војна на Балканот

Најново од Анализи & Коментари