Џорџ Фридман: Само Русија има корист од војна на Балканот

//

Џорџ Фридман е американски политиколог, основач на приватната разузнавачко-аналитичка организација Stratfor и креатор на проектот “Геополитичка иднина”. Во 2011 година, Фридман ја објави книгата “Следните 100 години: прогноза за XXI век”. Во интервју за рускиот весник “Ведомости” Фридман прави пресек за тоа, кои од неговите предвидувања се оствариле и кои не станале реалност.

Г-дине Фридман, кои нови трендови се одвиваат во Евроазија? Како ќе се промени меѓународниот поредок во следните 5-10 години?

– Постои зголемена нестабилност во регионот, во самите земји и на меѓународно ниво, за тоа има неколку причини.
Кина инвестира во други земји, но, исто така, ја “воведува во ред” и својата работна сила. Русија води нова агресивна политика. Индија активно расте економски, а САД покажуваат помал интерес за регионот отколку порано. Сето ова создава одредено ривалство меѓу земјите.

Во исто време, терористичката закана за регионот се зголемува. Падот на цените на енергенсите донесе со себе криза во некои држави, кои пак од своја страна влијаат на други држави. Значи во извесна смисла ние го набљудуваме враќањето на регионот кон неговата вообичаена состојба на регионално ривалство.

– Во ЕУ веќе се појавија знаци дека некои земји сакаат поголема автономија. Франција и Германија сакаат да создадат заедничка европска армија. По влезот на Трамп во Белата куќа, критичниот став на ЕУ кон соработката со Вашингтон се зголеми. Како ја гледате иднината на трансатлантските односи во наредните години?

– Американско-европските односи отсекогаш биле напнати, особено од крајот на Студената војна. Сетете се колку негативна беше Европа кон Џорџ Буш, и колку му се восхитуваше на Обама – толку многу, што дури му додели Нобелова награда. Треба да сфатиме дека Европа, откако ја изгуби својата централна позиција во меѓународниот систем, беше разочарана од зајакнувањето на САД и беше критична кон Вашингтон. Но, да не забораваме дека во Европа сè уште постои ривалството меѓу одредени земји.
Сега Франција и Германија се подготвени да ги стават своите вооружени сили под една команда, но истото не може да се каже за другите земји во ЕУ. Покрај тоа, мораме да забележиме дека Берлин и Париз многу пати разговараа за ова прашање, но досега не видовме конкретни акции. И покрај тоа што политиката на Трамп создаде некои проблеми во Европа, не мислам дека основата за односот ќе се промени.
Од воена гледна точка, Европа ќе остане поделена, додека САД се значајно помоќни во тој однос. Факторот кој сега се менува е желбата на САД да ја гарантира безбедноста на Европа во услови на недоволна подготвеност на Европејците да создадат своја војска. Ова е многу посериозна закана за американско-европските односи отколку „непријателството“ на Европа кон Трамп.

– Како ја оценувате иднината на ЕУ во светло на растечкиот сепаратизам, миграционата криза, Брекзит? Дали е можно расчленувањето на ЕУ?

– Мислам дека ЕУ во сегашниот формат е неуспешен проект. Главниот проблем е што државите го задржаа својот суверенитет, додека ЕУ се обидува да дејствува како супериорен судија, а таа не е тоа.

Активностите, со помош на кои ЕУ се обиде да се справи со финансиската криза од 2008 година, создадоа неодржлив проблем во југот на континентот, тековната политика на ЕУ во однос на Источна Европа уште повеќе наликува на однос центар-периферија. Се разбира, уште еден ваков пример е Брекзит.

Периферијата на ЕУ или се наоѓаше во катастрофална финансиска состојба во последните 10 години или сега се наоѓа во непријателски политички односи со Брисел. Националното самоопределување е во спротивност со барањата на ЕУ за моќ.



– Какви, според вас, се изгледите за излегување од кризата во руско-американските односи?

– САД имаат интерес да создадат проамерикански земји со либерално-демократски вредности. Русија е заинтересирана за зачувување меѓу себе и Европа како тампон зона – балтичките држави, Белорусија и Украина. Во 2014 година, кога падна украинската влада на чело со Јанукович, Русија одлучи дека Американците сакаат да “загушат” Русија, лишувајќи ја од нејзините земји-амортизери. Кога Русија одговори на ова со анексијата на Крим, САД го прифатија овој потег како обид од страна на Русите да ја повратат контролата врз Украина. Сето ова дополнително се комплицира од интервенција на Русија во американските избори, а исто така и од верувањето на Кремљ дека САД ги организираат “обоените револуции” низ светот.

– Во вашата книга “Следните 100 години”, го предвидовте проширувањето на територијата на Русија, конфликтот со Турција, промените во Источна Европа. Кои од вашите предвидувања се обистинија и кои настани ве изненадија?

– Јас го предвидов конфликтот во Украина, но не и дека Русија ќе биде победник. Мислев дека по овие настани, Русија ќе почне да опаѓа. Во мојата книга напишав дека земјите од Источна Европа ќе станат центар на интереси, но тоа не мора да значи излез од руската контрола. Што се однесува до грешките – не го предвидов продолжувањето на сунитското востание на Блискиот Исток, мислев дека ќе заврши.

– Експертите велат дека односите меѓу поранешните југословенски републики се најлоши во балканските војни од 1991 до 2001 година. Колку е веројатна нова војна на Балканот и како го третирате тврдењето дека Русија може да го започне конфликтот таму?

Секогаш постои можност за војна на Балканот. Но, мислам дека ова нема да се случи во блиска иднина. Земјите сега се постабилни отколку во 1990-тите, и нема голема нација, освен Русија, која да има корист од таква војна. Според мене, Европејците и Американците ќе ги спречат сите обиди за вооружен конфликт.

Дури и ако Русите ги повикуваат Србите да започнат конфликт, нивните гаранции нема да бидат доволни, па затоа Србите ризикуваат да се соочат со друга национална катастрофа. Покрај тоа, ваквите односи сериозно ќе ги поткопаат односите со Европа, кои се многу важни за Москва.

Подготви: Трибуна

Претходна статија

Црвен тероризам

Следна статија

Ретроспективна изложба на дела од Ликовната колонија „Дрен “ во Прилеп

Најново од Интервју