|

Црвенковска од Судски која остана без интернет: Немаше точка за одговорност на Енвер Беџети, а и со мене немаше кворум за изземање на Дамева од комисијата

Немаше точка за одговорност на судијата Енвер Беџети кој го држеше предметот „Таргет-тврдина“ во фиока, а ниту со нејзиниот глас немало да има кворум на последната седница, тврди експретседателката и член на Судскиот совет, Павлина Црвенковска за „Макфакс“. Таа посочува дека требало само да се одлучува по барањето за изземање на Весна Дамева од комисијата која ќе утврдува дали апелациониот судија сторил незаконско постапување. Според нејзе, има цела процедура која треба да се испочитува, пред да се донесе одлука дали кај Беџети има одговорност.

„Не знам зошто изминативе денови се пласира тезата дека со тоа што јас сум се исклучила, немало кворум. Ни со мојот глас, немаше да има повторно кворум. Бидејќи, точка на дневен ред беше изземање на Весна Дамева од комисијата која одлучува за Енвер Беџети. Воопшто не беше точка на дневен ред разрешување на Енвер Беџети, ниту постапка за Енвер Беџети или било што“, посочува Црвенковска за „Макфакс“.

Таа додава дека и со нејзиниот глас – кворум немало да има. Посочува дека е точно дека се исклучила од онлајн врската поради проблеми со интернет конекцијата – но тоа не било ниту намерно, ниту тенденциозно. За кворум се потребни најмалку осум гласови.

„Мирсад Суроји беше на одмор, Весна Дамева беше на одмор. Јас бев на одмор. Тоа се три гласа помалку. Се вклучив бидејќи ме замолија да се вклучам од одмор. Но за да има кворум, да се донесе одлука по барањето на Весна Дамева да се изземе од постапување од формираната комисија во која по пат на ждрепка таа се падна да биде во таа комисија. Изземен е подносителот на барањето, тој не смее да гласа – тоа е Тања која беше присутна. Изземен е Селим Адеми, тој не може да гласа. Така што останаа само со шест гласови, а со шест гласови немаат кворум. Јас навистина бев во камп каде интернетот е горе-долу. Додека траеше седницата се исклучив. Не е дека јас сум се исклучила тенденциозно или намерно кога беше точката за изземање на Весна Дамева по барање за изземање од комисијата за Енвер Беџети“, додаде Црвенковска.

Таа ја објасни и процедурата која треба да се помине пред да се утврди одговорност кај судија. Посочува дека тоа не требало да се направи на седницата каде била онлајн, па и снемало интернет.

„Прво се формира комисија, па таа испраќа до Енвер Беџети, па потоа ќе одржи расправа, па ќе донесе одлука, па има право на жалба до Врховен суд, па потоа станува правосилна. А на таа седница, отворете го дневниот ред и видете – немаше точка за разрешување на Енвер Беџети, оти немавме комисија (во периодот кога се разрешуваше Весна Дамева). Всушност, не го ставаше на дневен ред формирањето на комисијата. Новиот претседател ја продолжи седницата со дневниот ред кој го состави Весна Дамева. Пред да ја продолжи, одлучивме едногласно да биде проширен дневниот ред со точка за формирање комисија за Енвер Беџети. Новиот претседател ја формираше комисијата“, додаде експретседателката и член на Судски совет.

Утре во полн состав, Судскиот совет треба да има кворум без подносителот и изземениот член. Кога ќе се одлучи по барањето за изземање на Дамева, ќе има избор на нов член во комисијата. Оттука, комисијата почнува да работи.

„Тогаш комисијата доставува сѐ што има до Енвер Беџети. Тој се произнесува. Се закажува расправа. Потоа комисијата поднесува извештајот до Судски совет. Судски совет одлучува дали ќе продолжи постапката, дали ќе запре, што и како ќе биде“, додаде Црвенковска.

Енвер Беџети, еден од петте судии кои одлучија „Таргет-тврдина“ да се суди одново, со тоа го ослободија Сашо Мијалков. Додека предметот „Таргет-тврдина“ за масовното прислушување бил држен во фиоката на Апелациониот суд, судии од судечкиот совет си учествувале во комисии, оделе на одмори, користеле боледувања. Енвер Беџети, судија известител за предметот „Таргет-тврдина“ не дал образложение колку време користел боледување, причина поради која се одолговлекувало одлучувањето.

На судијата Енвер Беџети ова не му е прво одлучување во корист на Мијалков. Тој пред повеќе од една година, беше дел од советот кој го пушти ексдиректорот на УБК на слобода, укинувајќи му го притворот за „Трезор“. Одлуката ја донесоа откако Мијалков претходно беше во бегство, односно недостапен за органите на прогонот.

Слични Објави