| |

Црвено-црно знаме за сите!

Пишува: М-р Риљинд Даути

Од 2007 па наваму државен празник е и 23 октомври. Ова е денот кога во 1893 г. во Солун се основа една револуционерна организација која низ годините имала различни имиња, а најпозната е по последната нејзина итерација: Внатрешна македонска револуционерна организација – ВМРО.

Со оглед на овој празник, и фактот што уште малку ни претстои месецот ноември кога Албанците слават неколку настани, мислев дека е добра прилика да споделам со јавноста едно идејно решение, кое според мене би било рационално за нашата општествена реалност и историските контексти.

Од мојата година на раѓање до денес, државното знаме е тоа што сите го знаеме. Но она што не го знаат сите од младите генерации е дека, пред тоа, знамето на Република Македонија било друго – со сонцето од Кутлеш, а денешното знаме е практично по 1995 година, за да и се удоволи на Грција, како што во 2019 се промени името во Северна Македонија, исто така за да и се исполни ќејфот на Грција.

Наметнативе промени од една соседна држава предизвикуваат оправдана иритација кај македонскиот народ, па затоа големо мнозинство од нив одбиваат да го користат новото име Северна Македонија, а ден-денес голем дел од нив (можеби исто така мнозинство) не го сакаат ниту знамето во употреба од 1995 па наваму, кое дури некогаш погрдно се нарекува „вентилатор“, туку го претпочитаат претходното знаме со „сонцето од Кутлеш“. Проблемот е што и „сонцето од Кутлеш“ нема врска со денешниот македонски народ туку е симболот на грчкиот бог Хелиос (затоа ме чуди што еден од субјектите кој редовно го користи знамето со овој грчки пагански симбол е Македонската православна црква).

Исто така, мора да се напомене дека во 1995, ако знамето се промени поради исполнување на хировите на странска држава како Грција, истовремено за дизајнот на новото знаме се запостави мислењето на Албанците кои живеат во оваа држава (макар што формално пратениците на Албанците во Собранието гласаа „за“ усвојување на новото знаме), слично како што денес институциите предводени од Македонци го пишуваат името Северна Македонија наметнато од странска држава како Грција, но многу од функционерите и административните работници го кршат Законот за јазици кој налага нешто да напише и на албански, кој го зборуваат дури 29.52% од граѓаните на оваа држава.

Поради горенаведените причини, знамето треба да се промени во едно друго, без симболи на туѓи култури како грчката, без наметнување од странски држави како Грција, и без игнорирање на волјата на голем дел од домашното население на државата кои се Албанците, кои поради тоа не го чувстуваат тоа знаме како свое.

Со правењето баук од една легитимна идеја како што е менувањето на симболите, се премолчува фактот што сегашното знаме не се вкорени ниту во срцата на голем дел од Македонците, а решение кое би било прифатливо и за Албанците ни било пред носот цело време! Имено, црвеното и црното се боите на албанското знаме, а истите бои се и во знамето на историското ВМРО!

Освен што се исти бои, истиот симбол како украсна лента може да се најде и во документи на албанската држава:

Затоа, црвеното и црното се најсоодветните бои за ново знаме на државата, кое би било прифатливо за поголем дел од населението.

Како би изгледало такво знаме? Најпрвин треба да се одредат точните нијанси на боите. Црната е потполно иста нијанса ем во албанското знаме ем во знамето на ВМРО. А во врска со црвената боја, треба да се најде средна нијанса на црвената во албанското знаме со црвената во знамето на ВМРО или сегашното знаме на РСМ.

Во врска со пропорциите (1:2, 2:3, итн.) и точниот изглед на новото знаме, би ги поканил професионалните графички дизајнери да даваат свои предлози, но јас како аматер во користењето на компјутерските програми за дизајн, ги давам овие предлози:

Ова е генерално најдоброто решение. Во овој редослед се боите ем во некои албански документи ем во знамето на ВМРО. Главниот недостаток на ова решение е што знамето на историското ВМРО, како што и името и акронимот, се присвоени од една политичка сила позната по демагогија, шовинизам, и автодеструктивност кон државата. Така што, ова решение можеби е неприфатливо за тие кои не ја знаат разликата меѓу историското ВМРО и сегашното ДПМНЕ. Исто така, за некои можно е да биде проблематичен и фактот што вака (горе црвено, долу црно) било и знамето на украински националисти, кои освен праведната борба за украинска слобода и независност, исто така имале и некои контроверзни погледи и делувања. Како едноставно решение на овие потенцијани несогласување е обично превртување на боите (горе црно, долу црвено):

Друго решение е двете бои да бидат во три или повеќе ленти, кои може да бидат вертикални:

Или може да бидат хоризонтални:

Последното од горенаведените може да биде неприфатливо за Македонците со оглед на тоа што слични симболи во одредени периоди имало албанската воена морнарица и цивилните трговски бродови, и продолжува да биде церемонијален кордел на градоначалниците во Република Албанија.

Други решенија, кои можеби би зрачиле со повеќе престиж се тие, што во хералдиката се нарекуваат „lozenges“. Такво знаме би изледало нешто вака:

И на крај, надвор од рамките на насловот на колумнава но во рамките на темата, се и овие две предлози каде е вклучена и жолтата боја во нијанса на сегашното знаме на Северна Македонија. Со оглед на тоа што во хоризонтални и вертикални ленти се знамињата на Германија и Белгија, разликата би се направила со поставување триаголник (нпр. како знамето на пријателска Чешка). Такво знаме на РС Македонија би изгледало нешто вака:

Некои би рекле „зошто има потреба од друго знаме, што има етничко во сегашното знаме со сонце“?

-Инхерентно нема ништо етничко ни во плаво-црвено-белата тробојка, но сепак овие важат за пансловенските бои. Инхерентно нема ништо етничко во црвено-белата шаховница, но тоа сега важи за симбол на Хрватите. Двоглавиот црн орел воопшто не постои во природата а камоли да има нешто етничко во него, но тој сега важи за симбол на албанскиот народ. Кога сме кај сонцето, ако ги гледаме снимките на НАСА, ќе забележиме дека вистинското сонце ни одблиску не личи на сонцето така како што е исцртено од Мирослав Грчев. А и самиот тој признава дека новото знаме мораше да го содржи графичкиот симбол на сонцето како единствена апликација за да се обезбеди симболички континуитет и со ѕвездата од Кутлеш, што значи дека и новото знаме е дизајниирано така што ќе ја претставува само едната етничка група.

Но освен што има несомнено етничка симболика, сегашното знаме има недостатоци и во самиот дизајн. На многу странски набљудувачи им личи на воените знамиња на Империјална Јапонија, и самиот автор на општиот дизајн е разочаран со решението кое во 1995 се усвои во Собранието, бидејќи како што вели тој: „донесеното знаме не е урамнотежената финална верзија во „златна“ пропорција, туку првичното сирово решение во форматот 1:2.“, и продолжува: „Згора на тоа, некој, очигледно во последен момент, ги одвоил зраците на сонцето од дискот и ги оставил пресечени несмасно да се шират како штици.“ Оттогаш па наваму, авторот чека да „се создаде свест за неопходноста од техничка и дизајнерска, практично естетичка корекција на државното знаме и неговото ликовно хармонизирање.“

Но реално гледано, решението треба да оди преку овој општ дизајн, бидејќи на крај краишта, и новото знаме претставува континуитет со тоа со сонцето од Кутлеш/Вергина, кој не само што има цел да претставува само една етничка група, туку е промашен, бидејќи како грчки пагански симбол, нема реална врска ниту со Македонците ниту со ниеден од останатите народи кои ја сочинуваат оваа држава. Има и многу Албанци кои славното минато на античките Македонци го сметат како свое врз слаби теории дека тие биле Илири, па така албанската валута е именувана „лек“ по Александар Велики, а сонцето од Вергина дури може да се најде на знамето на тн. Република Илирида. Но горчливата вистина ем за денешните Македони ем за Албанците, е дека дури и да не биле Грци, античките Македонци биле екстремни гркомани кои во нивните походи ја шириле хеленистичката култура, а доказ на нивното слепо гркоманство е и присвојувањето на сончевиот симбол на грчкиот бог Хелиос.

Но за разлика од тој симбол, и неговиот наследник роден во 1995 година, симболот што секако има врска со денешните Македонци, а таму може да се најдат себеси и другите етно-национални групи, е црвено-црното знаме на ВМРО.

За разлика од тоа што се створи со АСНОМ во 1944, и Република Македонија од 1991, ВМРО се залагаше за една Македонија со повеќе рамноправни народи и повеќе рамноправни официјални јазици, затоа, самиот овој факт е противаргумент на душегрижниците кои би замериле „да, ама во Македонија не живеат само Македонци и Албанци“ (и на крај краишта, ако не ти пречело сегашното моноетничко знаме, немаш право да замериш на некое хипотетичко двоетничко знаме), а кога сме кај второ најголемата заедница, Албанците, ВМРО имаше блиска соработка со нив, а боите на симболите им се потполно заеднички!

На крај, ќе завршам со некои стихови.

Во понова верзија на песната за легендарниот водач на ВМРО, Тодор Александров, се пее:

Знамето им беше, аго,

црно и црвено,

и на знаме пише, аго,

Смрт или слобода,

смрт или слобода, аго,

за Македонија.“

Од друга страна, големиот албански поет Фан Нољи напишал:

О знаме од крв, о знаме орелско

О земјо и огниште, мајка и татко

Накиснато од солзи, од пламен изгорено

Знаме црвено, знаме црно.“

Па така, црвената и црната треба да бидат боите на идното знаме. кое ќе го сакаме сите.

Црвената и црната се боите, кои ќе не обединуваат сите!

Слични Објави