|

ЦУК: Поради сериозноста на пожарот на отворено меѓу Лозово и Велес, Ангелов ангажира и авиони за гаснење

На почетокот на денов почна сериозен пожар на отворено меѓу Лозово и Велес, каде што гори претежно квалитетна борова шума, велат од ЦУК.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, при координацијата за гаснење на пожарот, даде насоки за упатување еден хеликоптер од МВР за гаснење на таа локација по ангажманот и дејството врз пожарот кај село Кондово, Скопско. Ангелов информира дека истовремено при координацијата дал насоки од 10.30 до 11 часот да полетаат и двата противпожарни авиона „ер трактор“ од ДЗС.

Конкретно, регионалниот ЦУК Велес вели дека пожарникарите на ТППЕ Велес дејствуваат од вчера врз пожарот на отворен простор помеѓу селата Иванковци и Мамутчево во општина Велес и кај село Милино во општина Лозово. На терен дејствувале 17 пожарникари со четири противпожарни возила од ТППЕ Велес, од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Бабуна“ од Велес дејствува екипа од пет вработени со едно теренско возило, а од страната на Свети Николе дејствува една екипа од пет пожарникари со теренско возило од ТППЕ Св. Николе, со тим од 4 вработени од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Шумарство“ од Свети Николе.

Поради временските услови, конкретно силен ветер, тој се проширува и зафаќа делови од боровата шума во тој реон. Поради големината на пожарот и силниот ветер, градоначалникот на општина Лозово, Бошко Цветковски, преку единствниот број за итни повици 112 во ЦУК побара ангажирање авиони за гаснење на пожарот.

Слични Објави