Д. МИТРЕВ: ДРЖАВАТА ТРЕБА ДА СОЗДАВА УСЛОВИ ЗА ПРИВАТНИОТ БИЗНИС, А БИЗНИСОТ НЕ ТРЕБА ДА ЧЕКА ДРЖАВАТА ДА БИДЕ РАБОТОДАВЕЦ
Добре Митрев е правен консултант и член на Управувачкиот комитет на Граѓанско демократска унија-ГДУ.
Г-не Митрев колку време се занимавате со приватен бизнис во Р. Македонија? Раскажете ми нешто повеќе околу тоа, например со какви проблеми се соочувате, и какви идеи имате за нивното решавање.
Со приватен бизнис се занимавам од 1991 г. Се занимавав со трговија, работев 3 години согледувајќи ги тешкотиите со кои се соочува приватната иницијатива, решив да влезам во консултантските води. Целта ми е колку што можам да им помагам на новите компании за започнување на бизнис во Македонија. Според мене како човек што е запознат со повеќе типови на проблеми со кои се соочуваат приватните компании, државата треба да се погрижи да им создаде подобри услови за работа, бидејќи тие се основната движечка сила на стопанството и извор на пари за буџетот. Фирмите не треба да чекаат државата да биде работодавец, односно да чекаат тендери, од владејачката партија, која претходно ја „помагале“.
Каков е Вашиот став околу воведувањето на прогресивниот данок? Дали според Вас Македонија е подготвена за воведување на таков данок, ако знаеме дека истиот е спроведен во високоразвиени земји како Германија, Шведска, Данска, Велика Британија?
Сметам дека во Македонија нема услови за воведување на прогресивен данок, бидејќи ние сме економија во развој, а таков данок делува демотивирачки за бизнисот. Ако во Македонија може да се преживее со минималец кој не подлежи на даночење, тогаш воведување на прогресивна стапка на данок, би имала некаква логика, но кај нас тоа не е така. Овде во случајот се даночат, работливите и активни луѓе, кои и покрај лошите услови успеале да остварат некаков пристоен за нашите услови приход. Ние не сме ниту Данска , ниту Германија за да се мериме со нив во однос на даночната политика.
Вашето семејство живее во Лондон. Што велат Вашите најблиски кои се основните разлики во однос на квалитетот и начинот на живот, таму и тука во Македонија?
Разликите се огромни. Од начинот на размислување, од односот кон работата, до прагматичкото прифаќање на реалноста. Британецот не живее во илузии. Во Обединетото кралство односот кон човекот се основа на позитивизмот. Секој успех на поединецот се гледа од позитивната страна, а кај нас е речиси секогаш, обратно негативно. Во Македонија не знаеме да ги цениме успешните луѓе без разлика од која сфера доаѓаат, а тоа барем според мене е огромен проблем. Многу често, луѓе што ја заслужуваат целата почит на јавноста, ја добиваат прво во странство, бидејќи кај нас речиси секогаш прво се гледа негативното, а после позитивното.
Дали според Вас сегашната Влада домаќински ги троши парите на граѓаните?
Не!!! И ќе дадам само неколку примери со трошењето на буџетски пари за хортикултура за државните институции, лубриканти, вработувањата на огромен број советници во Владата, без да има некаква корист од нивното работење. Дали е тоа домаќинлук? Да и дадеш тендер на фирма што те финансирала за време на избори, или пак да им дадеш илјадници евра на роднини на високи функционери на владеачката партија преку разни фондови за иновации?
Ја имате ексклузивната шанса да му поставите прашање на еден од министрите на Заев. Кој би бил министерот и секако какво прашање би му поставиле и зошто?
Како човек што многу патува секојдневно се среќавам со многу проблеми, би им поставил две прашања на двајца министри. Првото прашање ќе го упатам до министерот за транспорт и врски г-нот Сугарески. Дали не е време за воведување на годишни вињетки наместо градење на нови патарини? Би можел да го повикам министерот на јавна дебата, околу ова прашање. Второто прашање е до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Дали сообраќајната полиција, треба да делува превентивно или е само орудие за собирање на пари од казни од граѓаните? И за тоа прашање сум подготвен да дебатирам со министерот.
Што ќе ги посоветувате младите луѓе кои наместо да чекаат вработување на државно, одлучиле да влезат во приватниот сектор, без разлика дали како работници или сопственици на свои фирми?
Младите претприемачи би ги посоветувал да работат осовршување на својот личен развој, бидејќи ги чека тешка борба во лавиринтот наречен водење на приватен бизнис во Македонија. Само како приватни стопанственици тие ќе можат да го остварат својот сон, бидејќи државата не е создадена за исполнување соништа, туку за собирање даноци. Учете странски јазици, посетувајте курсеви, создавајте контакти не само овде туку и во странство и не плашете се од долгите работни денови, бидејќи со самиот факт што не сте одбрале да слугувате некаде за да се пикнете на државна плата, вие веќе сте победници. Јас можам да ви го покажам патот по кој да одите, но не и да ве натерам да одите по него.

