Д-Р ЛАЗАР НАНЕВ Е ПРАВИЛНИОТ ИЗБОР ЗА ПРВ ЧОВЕК НА НОВОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО
Д-р Лазар Нанев, вонреден професор по Kазнено процесно право на УГД во Штип и судија во Основен суд Кавадарци, најдобриот избор за прв човек на новото јавно обвинителство. Додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ интензивно се „договараат“ за да не се договорат, ние од ГДУ нудиме решение на нивниот проблем, кој да биде раководител на новото Jавно обвинителство. Д-р Лазар Нанев е правилниот избор, бидејќи не е „партиско решение“, не е ниту на „едните“ ниту на „другите“ туку е врвен професионалец, со изградена кариера надвор од партиските штабови на големите ајкули-партии. Д-р Нанев во моментот е судија во Основен суд Кавадарци и професор на Казнено правната катедра на Унивезитетот „Гоце Делчев“ Штип. Во продолжение ви го претставуваме богатото CV на д-р Лазар Нанев.
Роден е 25.04.1969 година во Кавадарци
Во 1992 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје .
Магистрирал во декември 2002 година на Правниот факултет во Скопје при Универзитетот ,,Св.Кирил и Методиј“ на тема ,,Положбата на малолетникот во кривичната постапка“.
Докторирал во септември 2006 година на Правниот факултет во Скопје при Универзитетот ,,Св.Кирил и Методиј“, тема Криминолошките аспекти на економскиот криминалитет во Република Македонија.
Работно искуство:
Во 1992 година се вработил во МВР-ОВР Кавадарци. Во 1996 година положил правосуден испит, а во 1998 година положил Нотарски испит.
Во 2002 година е избран за судија во Основниот суд Кавадарци.
Во 1996 година ја основа невладината организација Совет за превентива против малолетничка деликвенција и е нејзин претседател.
Во рамките на активностите во невладиниот сектор работел на изготвување и реализација на повеќе проекти како и организирање и реализирање на повеќе семинари, во врска со реализацијата на проектите на кои се појавувал и како предавач, ментор или раководител. Настапувал на преку 150 семинари од областа на стратешкото планирање, организациско јакнење, евалуација, маркетинг, лобирање, комуникација со јавноста и развој и афирмација на НВО секторот.
Врз стекнатите знаења и искуства во 2000 година го изработува Превентивниот акционен план за Р.Македонија, а во 2001 година учествува во подготвувањето на нацрт текст на малолетнички казнен законик изготвен од НВО сектор.
Бил на повеќе студиски престои во странство и тоа САД, Полска, Словачка, Хрватска, Швајцарија, Франција – /Стразбур/ и др. Во 2003-2004 година ја завршил школата за политика на Совет на Европа.
Член е на Владината комисија за превенција од малолетничка деликвенција. Член е на комисијата за изработка на Законот за малолетничка правда. Член е на комисијата за изработка на акционен план на РМ за заштита на правата на детето.
Член е на здружението за кривично право и криминологија. Член е на управниот одбор на Полициската академија во Скопје. Има објавено повеќе трудови меѓу кои Положбата на малолетникот во кривичната постапка, Стратегија за имплементација на алтернативните мерки .
Во декември 2002 година од страна на Градоначалникот и Советот на општината Кавадарци го доби признанието Заслужен граѓанин на град Кавадарци.
Претседател на Основниот суд Кавадарци од 2006 до 2010 година.
Во периодот од 2008 г. до 2012 г. е вонреден професор на универзитетот „Св Климент Охридски“ Битола.
Од 2012 г е вонреден професор по казнено процесно право на универзитетот „Гоце Делчев“ Штип.
Д-р Нанев е излезот од магепсаниот круг, која партија да го предлага јавниот обвинител, дали таа на власт или онаа во опозиција. Д-р Нанев е непартиски човек и не е познат во јавноста како вршител на услуги на политичките гарнитури на власт. Правилниот избор за излез од кризата во правосудниот систем е именувањето на врвни професионалци на клучни позиции во самиот него. Д-р Нанев е токму тоа, врвен професионалец и неговата досегашна работа го докажува. Неговите дипломи се далеку подобри од тие на Катица Јанева, а и не на последно место, нема ниту една негова пресуда која паднала на Апелација.
Го имаме човекот. Ете ви еден честит професионалец. Мојот предлог е бесплатен. Уште ли ќе се договарате господо од двете големи партии. Имате ли храброст да поддржите еден врвен професионалец, кој е неутрален? Ако одговорот е ДА, тогаш д-р Нанев е вашиот човек.
Автор: Добре Митрев, член на УК на ГДУ
