Д-Р ТАРАВАРИ: МЕРКИТЕ СЕ ОЛАБАВИЈА СО ЦЕЛ ПОБРЗО ОДРЖУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ

Владините одлуки за справување со коронавирусот не се соодветни, мерките се целосно олабавени за да се протуркаат избори, а земјава влегува во втор бран на пандемија, изјави градоначалникот на Гостивар, д-р Арбен Таравари, пренесува „Гостивар Прес“.

Таравари препорачува промена на составот на Комисијата за заразни болести со кадри кои се професионални и кои нема да бидат под притисок на политиката.

„Без подигнување на свеста ништо не сме направиле. Ако ме прашате, би препорачал Комисијата за заразни болести комплетно да се смени. Ние имаме кадри кои се професионални и кои нема да бидат под притисок на политиката. Веднаш после карантинот за бајрамските празници целосно се олабавија мерките и ова е тоа што го доживуваме, втор бран епидемија. А сето тоа се прави дефинитивно поради одржување избори“, вели д-р Таравари.