„ДА ОСВОИМЕ БОДОВИ ЗА ТРЕТО МЕСТО, АМА И ДА СЕ ПОДГОТВИМЕ ЗА ГЛАВНОТО – БАРАЖОТ ВО МАРТ!“
Македонската фудбалска репрезентација ги загуби шансите преку овие евроквалификации да стигне до виза за пласман на Евро 2020, па втората шанса ќе ја бара во мартовскиот бараж преку Лигата на нации за историски прв настап на едно континентално натпреварување и на последните два меча од овој циклус црвено-жолтите освен за бодови ќе ги искористат и за завршна подготовка за мечевите за нешто повеќе од четири месеци.
Македонија гостува во Австрија во Виена в сабота, а три дена подоцна е домаќин на Израел, па откако се загубија шансите за пласман, останува барем да се освои третото место во групата и да се запише најдобриот пласман во еден квалификациски циклус, што би било добра најава за мартовските главни пресметки на оваа генерација. Македонија моментно е трета со ист број бодови со Словенија и Израел, пред завршните два меча во овие квалификации.
„Целта во овие квалификации беше да бидеме конкурентни до самиот крај и успеавме тоа да го направиме и сега дали ќе бидеме трети, а моментно сме на таа позиција пред овие два меча, ќе зависи и од нас, ама и од резултатите на ривалите. Спортски е да се надеваме на пласман на третото место, а патем овие два меча се последни за нас пред тој бараж. Спортски е да се бориме да освоиме што е можно повеќе бодови, но многу важно е да пробаме одредени индивидуални и тактички комбинации и опции на овие два меча за да имаме и уште појасна слика за тоа што нѝ претстои во март догодина“, вели селекторот Игор Ангеловски.
За Македонија добри два меча на крајот на квалификациите би биле добредојдени не само за третото место, туку и за задржување на самодовербата, зашто после овие два меча шанси за поправки и исправки ќе нема. Кој ќе ни биде противник во баражот во полуфиналето ќе се знае неделава, зашто Косово има шанси да обезбеди директен пласман, што би ни ја дало Белорусија како противник. Во случај северниот сосед да не успее до пласман во групата, каде клучен меч ќе им биде гостувањето во Чешка, ќе се судриме со нив на домашен терен.
Извор: Спорт1