Да се реши правото на глас за лицата кои ќе наполнат 18 години, лицата со попреченост и дијаспората, апелира Комисијата за заштита од дискриминација
Граѓаните кои ќе наполнат 18 години меѓу два изборни круга на претседателските избори, да можат да гласаат, бара Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Од оваа институција повторија дека уште на 9 август 2021 година, утврдиле директна дискриминација од страна на ДИК и индиректна која произлегува од одредбите на Изборниот законик, врз основа на возраст во остварување на избирачкото право на граѓаните кои помеѓу два изборни кругови во претседателските избори во 2019 година наполниле 18 години.
„Овие лица заради одредбите од изборниот законик не биле во можност да го остварат уставно загарантираното право и да гласаат во вториот круг на претседателските избори. Воедно, Комисијата на 13 септември 2021 година утврди индиректна дискриминација по основ на возраст, личен статус, здравствена состојба, во областа на остварувањето на избирачкото право на граѓаните кои за време на изборите се сместени во здравствени установи“ посочија од Комисијата.
Истовремено беше потенцирано дека со измени на изборниот законик треба да биде решено гласањето на лицата кои ќе наполнат 18 години, лицата од дијаспората и сите други кои не се доведени во еднаква положба со другите.
На прашањето колкав број на лица досега биле дискриминирани од гласање, од комисијата истакнаа дека не можат да прецизираат за колкав број точно се работи но дека отприлика станува збор за околу 7000 лица по однос на преставките кои биле поднесени до комисијата.
„Мерките на kомисијата треба да обезбедат, гласачките процедури, гласачките објекти, материјали да се соодветни и пристапни за лицата со попреченост, како тие би го оствариле уставно загарнтираното право на гласање“, потенцираат од комисијата.
Тие посочуваат дека иако во тековниов период Изборниот законик беше изменет за исполнување на препораките на Комисијата, до денеска, не се информирани дека се направени и препорачаните измени.
Комисијата како што беше посочено на денешната прес-конференција за време на предизборните кампањи ќе врши засилен мониторинг на говорот на омраза и на медиумите и на социјалните мрежи.
„Граѓаните да пријавуваат вознемирувачки говор до комисијата“, апелираа од оваа институција.