Познат бугарски хирург го спаси животот на две сестри на 16 и 18 години во бугарското гратче Поморие
Познатиот бугарски хирург од УМБАЛ „Св. Ана“ – Софија, доц. Константин Димов, го спаси животот на две сестри на 16 и 18 години, кои се најдоа во критична состојба по инцидент во морето кај бугарското гратче Поморие, јавува БГНЕС.
Настанот се случил на Централната плажа во туристичкиот град во недела попладне. Двете девојчиња влегле во водата, но се нашле во длабокото и брзо почнале да тонат. Тие биле извлечени од спасувачите во безсознание, а првичните обиди за реанимација на самото место не дале резултат.
Случајно присутниот на плажата, доц. Димов, веднаш интервенирал. Со брзи потези и медицинска проценка, тој започнал со реанимација и успеал да ги врати виталните функции на двете девојчиња непосредно пред пристигнувањето на брзата помош.
„Едното од девојчињата беше во потешка состојба. На почетокот беше неадекватно, но потоа се стабилизираа виталните функции. И повторно ќе кажам, колегите од Брза помош и спасувачите ја завршија својата работа одлично. Јас, секако, им бев на располагање. И со сопствени напори, колку што можевме, помогнавме“, изјави за БГНЕС доц. Димов.
Доц. Димов сподели за БГНЕС дека дури и кога е на одмор не ја заборава Хипократовата заклетва: „Затоа сме обучувани, затоа сме учеле и од чисто човечка гледна точка треба да умееме да помогнеме и да го сочуваме, колку што е можно, животот на сите околу нас“.
