| |

Изложба за старите градски куќи заеднички проект на организации од Бугарија и Северна Македонија ќе биде отворена во Ќустендил

Изложбата „Старите градски куќи раскажуваат приказни“ ќе биде отворена на 16 јули во 17:00 часот во куќата-музеј „Емфиеџиева куќа“ во Ќустендил, соопшти Општина Ќустендил, јавува БТА.

Поставката е заеднички проект на културни организации од Бугарија и Северна Македонија и претставува основа за прекугранична културна маршрута. Таа опфаќа 13 архитектонски објекти од Дупница, Ќустендил, Крива Паланка и Кратово, изградени во периодот од XVIII до почетокот на XX век.

Изложбата ги прикажува економските, културните и општествените промени во градовите во централниот дел на Балканот преку три тематски целини. „Патот на мајсторите“ го претставува влијанието на мајсторите и резбарите од Дебарската уметничка школа, „Патот на капиталот“ ги следи трговските врски со Виена, Солун и Дубровник, а „Патот на идеите“ ги прикажува влијанијата од образованието и патувањата врз начинот на живеење и уредувањето на домовите.

Проектот Cultural Area е финансиран преку програмата „Интеррег VI-A ИПА Бугарија – Северна Македонија 2021–2027“. Партнери се историските музеи во Дупница и Ќустендил, Градскиот музеј во Крива Паланка и здружението „Пеонија“ од Кратово.

Поставката ќе биде сместена во обновениот западен дел на „Емфиеџиевата куќа“, каде што е создаден нов изложбен простор.



Слични Објави