Далеку сме од мир во Украина, оцени Гутереш по разговорот со Путин

/

Изгледите за мир во Украина во моментов се минимални, оцени генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, по телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

Шефот на ОН на прес-конференција рече дека со Путин разговарал за тоа да се надминат пречките во врска со извозот на храна и ѓубрива, но предупреди дека би било наивно да се верува дека би имало брз крај на војната.

„Имам чувство дека сè уште сме далеку од мирот. Би лажел ако кажам дека тоа може да се случи наскоро. Немам илузии, во моментов шансите за мировен договор се минимални“, рече Гутереш истакнувајќи дека дури не е на повидок некакво примирје односно прекин на огнот.

Сепак, и покрај неговата песимистичка оценка за крајот на војната што ја започна Русија упаѓајќи на украинска територија, генералниот секретар на ОН потенцира дека одржува контакт со двете страни и изрази надеж дека еден ден ќе биде можно дискусијата да се искачи скалило погоре.

Во меѓувреме, пак, продолжуваат преговорите за извозот на храна и ѓубрива од Русија. За потсетување, со посредство на Обединетите нации и Турција во јули беше постигнат договор за извоз кој се состои од два дела – едниот да дозволи проток на жито од Украина, а другиот извоз на храна и ѓубрива од Русија.

Додека околу три милиони тони жито беа извезени од Украина, Русија од своја страна се жали дека извозот на нејзините производи и понатаму трпи поради западните санкции.



„Има извоз на руска храна и вештачки ѓубрива, но тоа е многу помалку од тоа што е пожелно и потребно“, рече Гутереш додавајќи дека се разговара за можности Русија да извезува амонијак (клучна состојба на ѓубривото) преку Црното Море.

Шефот на ОН на прес-конференцијата предупреди дека оваа криза поврзана со ѓубривата достигнала драматично ниво и ги повтори неговите стравови дека следната година може да дојде до глобален недостиг на храна.

Извор: zoom.mk



Претходна статија

Аријанит Хоџа: Да се исклучи светлото на милениумскиот крст

Следна статија

Маричиќ: Преговорите се почнати, македонскиот тим е подготвен

Најново од Вести