| |

Датумот на ослободувањето на Вардарска Македонија

Пишува: Зоранчо Маринков

Во контекст на вчерашниот ден, да се потсетиме на 29.11.1915 год., скоро од сите заборавената дата на ослободувањето на Вардарска Македонија.

Како таква, таа дата ја чувствувале комитите и војводите на ВМОРО, кои самите додека биле живи се изјаснувале како българи по народност, а во текот на Првата светска војна се бореле во редовите на Българската армија.

Подолу следува уредничка статија од бр. 3 на вестник “Родина”, кој се печател во Скопје. Негови уредници биле дејците на ВМОРО – Георги Баждаров од с.Горно Броди, Серско – учесник во Илинденското востание и Христо Матов од Струга, идеолог на Организацијата и член на ЦК на ВМОРО.

“До 1878 год., кога после петвековно робство се возобнови българската држава, судбината на българите во Мизија, Тракија и Македонија беше еднаква: политички потчинени на турците, црковно зависни од грчкото духовништво и заеднички борејќи се за политичка слобода и културна самобитност.

Сознанието за народносното единство на населението во тие три области во периодот на темното робство се поддржувало од патувањата на трговците по карвани и панаѓури и од посетувања на општобългарски светости, какви што се манастирите и особено Рилскиот манастир, којшто се наоѓа во центарот на Българската татковина.

Борбата, којашто българскиот народ ја водеше за родна црква и родно училиште, и која се заврши со создавањето на Екзархијата, започна во Скопје, се подзеде во Самоков и Габрово и ја опфати целата наша татковина. Македонија, Мизија и Тракија на тој начин ја продолжија својата заедничка историја, така среќно започната пред илјада години и испаднала во период на долг застој поради турските освојувања на Балканскиот полуостров.

Борбата за политичка слобода, после извојувањето на црковно-училишната независност исто така беше заедничка: во легијата на Раковски, во востанието од 1876 год., во четата на Христо Ботев, во ополченските дружини на Шипка – имаше многу македонци. По причини, кои беа надвор од волјата на целокупниот български народ, нашата татковина политички беше распарчена и за еден период од 35 години ни се прекрати заедницата во нашата историска судбина. Но, во суштина и таму, во слободна Българија, и овде во робска до вчера Македонија, продолжуваше да се твори българска историја: таму по сите средства кои ги осигурува слободата, тука по стариот, заеднички во минатото, начин.

После ослободувањето на Българија, настапија тешки времиња за Македонија. Турција, исплашена од сенката на идната велика Българија, почна да пречи на българското културно дело, да помага на српската и на грчката пропаганда, па така се возобнови борбата за цркви и училишта. На тој начин се дадоа нови материални и човечки жртви за општонародното дело.

Но, кога значително беа совладани пречките за културно зајакнување и интелегенцијата во земјата доволно бројно порасна, се започна и со револуционерна дејност. Отпрвин предпазливо и безшумно, после посмело и бујно, но секогаш тајно, агитацијата за слобода брзо се ширеше. Од формираните комитети во сите населени места израсна моќната Внатрешна организација, која што беше целосна господарка на ноќите и значителна господарка на деновите во Турското царство. После Виничката афера во 1897 год. власта почна живо да следи, многу заговорници беа апсени, затворани, заробувани, убивани, но испразнетите места скоро се пополнуваа од нови борци, уште поголеми ентузијасти.

Така се подготви големото Илинденско востание во 1903 год. со главен центар Битола, кое силно ја растресе турската власт. Цели два месеци десетици илјади востаници водеа партизанска војна со стоилјаден аскер, завладеаа градови и села, но дадоа многу жртви и со настапувањето на зимата ги прекратија времено дејствата, за да ги продолжат во текот на следните години, навистина во помал обем, но постојано ја обеспокојуваа власта.

Така се дочека вооружената интервенција на слободна Българија во текот на 1912 год. Како и во текот на војните на 1912-1913 год. така и во оваа војна, македонските българи, колку што им беше возможно, зедоа активно учество во македоно-одринското ополчение и партизанските одреди и порано, како и сега во 11-та Македонска дивизија.

Со тие војни прекинатата врска во средствата за постигнување на национално обединување сепак се возобнови и со посредство на скапата крв на илјадници български синови нашиот народен идеал речиси е постигнат. Мизија, Тракија и Македонија, трите големи географски области на Българската татковина, одново имаат еден Цар и една власт”.

Слични Објави