Делото „Две свадби“ на познатиот бугарски ликовен уметник Златју Бојаџиев беше продадено за рекордни 280.000 евра на акција во Софија
Сликата „Две свадби“ на големиот бугарски ликовен уметник Златју Бојаџиев е продадена за 280.000 евра на пролетната аукција на „Артмарк“, одржана синоќа во Софија, јавува БГНЕС.
Почетната проценка на делото изнесуваше меѓу 20.000 и 35.000 евра, но наддавањето траеше речиси 15 минути и се одвиваше во силна конкуренција, при што цената значително порасна.
Сликата била купена директно од проф. Вилијам Џејмс Орвил-Томас и за првпат по повеќе од пет децении се појавува на пазарот, по престој во приватна колекција. „Две свадби“ припаѓа на вториот циклус големоформатни композиции на Бојаџиев (1903–1976) и е создадена во Париз во 1970 година. Делото прикажува зимски пејзаж од Родопите со истовремено претставени христијанска и муслиманска свадба, со мотиви на минаре, црковна камбанарија и вековно дрво.
Со оваа продажба значително е надминат претходниот рекорд за дело од бугарски автор. Во ноември 2025 година, сликата „Пејзаж“ на Бојаџиев беше продадена за 81.000 евра, додека претходно највисоката цена ја држеше „Р’ченица“ од Иван Мрквичка, продадена за 75.000 евра.
Втората најскапо продадена слика на аукцијата е „Чуварот“ од Иван Милев, создадена во 1920-тите години, која од почетна цена од 4.000–6.000 евра достигна продажна вредност од 85.000 евра.
