ДЕНДИАС: ЗА НАС МАКЕДОНИЈА Е ПРИЈАТЕЛ
Со пријателски чувства ја гледаме Македонија и пријателски го гледаме овој народ, тоа е мала земја на која многу можеме да ѝ помогнеме, изјави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, но додаде дека и „соседите треба да ја почитуваат чувствителноста на грчкиот народ“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, говорејќи за спроведувањето на Договорот од Преспа, Дендиас рече дека нашата земја во пресрет на Самитот на ЕУ се обидува да направи „колку што е можно повеќе”, но дека прави и „итроштини и обиди да го скрати патот”.
„Постојат две прашања: Спроведувањето на Договорот (од Преспа) и толкувањето на Договорот. Секој правен текст има и толкување. И за ова да бидеме согласни. Не може да толкуваат како што сакаат, треба да толкуваат како што треба. Ние со пријателски чувства ја гледаме Македонија и пријателски го гледаме овој народ. Тоа е мала земја на која многу можеме да ѝ помогнеме. Можеме да инвестираме, можеме да ги повлечеме со нас во една заедничка европска иднина, но треба и тие да ги почитуваат чувствителностите на грчкиот народ и на грчкото општество“, рече Дендиас.

