ДЕНЕС МАКЕДОНИЈА ГО ПРОСЛАВУВА ИЛИНДЕН
Денеска Македонија ги слави двата Илиндена: 115 години од почетокот на Илинденското востание и 74 години од првото заседание на АСНОМ. Свеченостите по повод празнувањето на Илинден се планирани во Скопје, Пелинце, Крушево и Смилево, а централната прослава во Пелинце се одвива под мотото „Наша Македонија“.
Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов ќе се обрати на голениот собир на Мечкин Камен. Тој на пладне ќе положи свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, како и на Споменикот на хероите во месноста Слива. Предвидено е по положувањето на свежо цвеќе на Мечкин Камен, претседателот да има обраќање. Годинава со него во Крушево ќе присуствува и американскиот заменик државен секретар за Европа и Евроазија Метју Палмер.
Владина делегација ќе положи свежо цвеќе пред Меморијалниот центар АСНОМ. Овде претседателот на Собранието Талат Џафери ќе им се обрати на делегацијата и прусутните и ќе положи цвеќиња пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто.
Во комплексот „Пелинце“ под мотото „Наша Македонија“ ќе се одржи манифестација на која ќе говори премиерот Зоран Заев, а потоа попладне ќе замине за Благоевград каде со бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе ја одбележат 115-годишнината од Илинденското востание. Ова е втора заедничка прослава, по потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и соседство помеѓу Република Бугарија и Република Македонија пред една година.