ДЕНЕСКА Е МИТРОВДЕН – ПРАЗНИК КОЈ ОЗНАЧУВАЛ ДОАЃАЊЕ НА ЗИМАТА ВО МИНАТОТО (8МИ НОЕМВРИ)

Низ вековите, нашите претци се служеле со таканаречен народен календар, во кој деновите, празниците и времето се пресметувале според аграрната и стопанската дејност, кои исто така во голема мера зависеле и од астралното пресметување.

Во народниот календар во македонската култура и традиција, покрај аграрниот и астралниот карактер, можат да се забележат врски од претхристијанското учење од старословенското и старобалканското религиско наследство и елементи на христијанството а многу подоцна и елементи на исламот.

Според основните карактеристики  на македонскиот народниот календар, во минатото, годината на Македонецот била поделена на два главни дела: зима и лето. Во однос на народното толкување, зимата започнувала со празникот Митровден додека започнувањето на пролетта(лето) се бележела со празникот Ѓурѓовден и тие два празника претставуваат глави на годината.

Митровден е празник кој припаѓа во групата на празници од зимскиот солстициј и е карактеристичен по принесувањето на крвна жртва- крупно животно, бидејќи се смета за исклучително “тежок ден “.

Од обичаи кои се практикуваат за време на Митровден, препознатлив е обредниот леб и вино, кои притоа се носат во црква за здравје и душа.Вечерта на трпезата се поставуваат мрсни јадења и се очекуваат гостите. Првиот посетител  во куќата на домаќините, се нарекува полазеник- ритуален гостин, и со неговата посета му носи здравје, среќа, плодност и богатство на домаќинството. Полазеникот го нарекуваат “Божји гост”, пратеник на претците , нишка која го поврзува “оноj” и “овој” свет.

Денеска, согласно времето и обврските на човекот, празнувањето на Митровден е видоизменето.Низ времето, традицијата и обичаите примиле елементи на модерното време.Иако, се уште постојат луѓе кои силно веруваат и ја почитуваат традицијата на македонскиот народ и ги практикуваат овие обичаи и обреди со цел тие да се заштитат и да се пренесат на помладите генерации за тие да имаат дознаење од каде потекнуваат и по што нивната татковина се разликува од другите земји.

Автор: Кристина Паскоска, етнолог

Слични Објави