ДЕНЕСКА Е ПРЕПОДОБНА ПАРАСКЕВА (СВЕТА ПЕТКА) – ПЕТКОВДЕН

Во народот позната како света Петка. Неа и е посветена црквата и во Битола, а таа се наоѓа во долниот дел на градот кај “Скопската пивара“.

Култот кон света Петка кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Името го добиле поради тоа што е родена во петок, а петокот како ден пред сабота, бил ден за подготовки за празникот. Во претхристијанскиот период кај Евреите саботата бил празник, а не неделата. Оттука, Параскева значи подготовка.

Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на Св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.

Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…

Била од словенско потекло, од градот Епиват, меѓу Салинаврија и Цариград. Родителите и биле имотни и побожни христијани. Таа живела со нив до нивната смрт, а потоа заминала за Цариград, а оттаму во Јорданската пустина, во денешен Израел, каде се подвизавала во пост и молитва до својата старост. Во староста се вратила во Епиват, каде проживеала уште две години.

Се успокоила во Господа во единаесеттиот век.

Подоцна телото на преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго. Најпрвин бугарскиот цар Јован Асен во 1238 година измолил телото на Преподобна Параскева Петка да биде пренесено во Трново. Но, кога Турците го зазеле Трново моштите на света Петка биле пренесени во Влашко, а кога и Влашко паднало под турска власт, во 1396 година кнегињата Милица го измолила султанот да ѝ дозволи да ги пренесе во Србија. Тогаш биле погребани во Белград. Но кога и Белград го освоиле Турците во 1521 година светите мошти биле однесени во Цариград, каде што се прославиле не само меѓу христијаните туку и меѓу муслиманите. Но и тука во патријаршиската црква каде што биле погребани не останале засекогаш. Во 1641 година молдавскиот војвода Василија Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на света Петка и ги пренесол во црквата „Три светци“ во светиот град Јаш каде што почиваат и денес.