| |

Денков-Габриел на средбата со амбасадорите на земјите од ЕУ и САД: Наши основни цели се политичката стабилност и влезот на Бугарија во Шенген и во еврозоната

Новата редовна влада работи за политичката стабилност во Бугарија, што ќе обезбеди добри услови за инвестиции и ќе го подигне животниот стандард на народот. Ова го истакна премиерот на Бугарија академик Николај Денков на средбите со амбасадорите на земјите од Европската унија и САД.

Домаќини на дискусијата со шефовите на европските дипломатски мисии и САД бea премиерот Николај Денков и вицепремиерката и министерка за надворешни работи Марија Габриел. Тие ги презентираа приоритетите на Владата која го презеде раководењето на државата со јасно дефинирана законска програма и активно работи на изготвување конкретна програма за управување.

Главни надворешнополитички теми за Бугарија се влезот во Шенген и во еврозоната, потенцираа уште еднаш академик Денков и Марија Габриел. „За да се постигнат не само овие две цели, туку и реално да се подобри животот на бугарските граѓани, важно е да се има стабилен парламент кој ќе ги носи потребните закони“, рече премиерот. Тој ја потенцираше работата за постигнување вистинско владеење на правото во државата, што може да се направи само преку сериозна реформа на правосудниот систем.

Бугарија ќе ги интензивира напорите за исполнување на американските критериуми за укинување на визите. Владата допрва треба да именува национален координатор на оваа тема. На средбата со амбасадорот на САД во нашата земја, Кенет Мертон, премиерот академик Николај Денков се обврза лично да го следи овој процес. Двајцата се согласија дека програмите за научна и студентска размена – односно Фулбрајт и Work&Travel – се позитивни примери за одлична соработка.

Бугарија наскоро ќе испрати најмалку две трговски аташеа во САД, стана јасно на средбата. Двете страни очекуваат позитивен ефект од овој чекор. Според амбасадорот Мертон, американските инвеститори во изминатите неколку години се воздржуваат од активности тука главно поради политичката нестабилност во земјата.

Бугарскиот премиер ја истакна улогата на САД за диверзификација во областа на енергетиката и го истакна договорот со „Вестингхаус“ за набавка на нуклеарно гориво. Меѓутоа, за да се заврши овој процес, американското гориво треба да добие лиценца од Агенцијата за нуклеарна регулација.

Академик Денков ги објасни намерите на Бугарија да воведе построги казни за трговијата со луѓе. Премиерот и неговиот гостин се обединија околу заедничкото мислење дека спротивставувањето на дезинформациите е приоритет за двете страни и на тоа ќе работат заедно.

Премиерот и амбасадорот Мертон разговарале и за соработката меѓу Бугарија и САД во областа на безбедноста и одбраната, подготовката на билатерален договор за социјално осигурување, европската интеграција на Западен Балкан и други теми од заеднички интерес.

Слични Објави