| |

„Денови на Бугарија“ во Британска Колумбија

Бугарите во Британска Колумбија – најзападната провинција на Канада, со нетрпение ја очекуваат иницијативата „Денови на Бугарија“, која ќе започне на 26 март во паркот Deer Lake во градот Барнаби. На просторот пред Уметничката галерија ќе бидат засадени бугарски рози. По церемонијата ќе се одржи средба во локалниот музеј, на која канадската јавност ќе биде запозната со интересни факти за Бугарија.

„Ќе раскажеме за нашите прекрасни места – планини, реки и мориња. Ќе ве приближиме до нашиот фолклор и нашите обичаи. За време на настанот ќе го претставиме Казанлак – градот на розата и ќе раскажеме за Розовата долина“, соопшти Фејсбук групата на Бугарско-канадското друштво во Британска Колумбија.

Во 2023 година се навршуваат 30 години од поставувањето на темелите на организираното изучување на бугарскиот јазик и 20 години од организираната фолклорна дејност во Ванкувер. Во канадскиот град има две бугарски училишта и неколку танцови групи.

„Горди сме и пред сѐ благодарни што овие активности низ годините се реализираа со многу труд и време на десетици патриотски волонтери“, споделуваат администраторите на Фејсбук страницата и додаваат: „По повод овие годишнини, моментално собираме материјали за да направиме архива за историјата на изучувањето на бугарскиот јазик и организираната танцова дејност на бугарската дијаспора во Ванкувер: сеќавања на учесниците, снимки од настани, фото и видео материјал од бројните манифестации на играорните групи и децата на училиште“.



Слични Објави