Деси Добрева со турнеja „Гиздава“ – старт на 4 јули во Стара Загора, средствата ќе се донираат за талентирани деца
Популарната бугарска пејачка Деси Добрева на 4 јули ќе ja започне своjaта голема турнеја „Гиздава“ со концерт во Стара Загора. „Ги спакувавме куферите и инструментите. Концертот чука на врата“, изјави таа во утринската програма на БНР и изрази надеж за успешен почеток.
На сцената ќе се појават над 150 учесници – музичари, професионални танчари и деца. Специјален гостин ќе биде познатиот пејач Миро, со кого Добрева ќе ја изведе песната „Назад, назад, моме Калино“.
Турнејата ќе продолжи во седум градови низ Бугарија. Во јули концерти ќе се одржат во Бургас, Велико Трново и Варна, а во септември во Пловдив и Русе. Финалниот настап е предвидено да се одржи во Софија. Во секој град ќе настапуваат и локални таленти.
Сите приходи од турнејата ќе бидат донирани за поддршка на талентирани деца – за уметнички стипендии, набавка на спортска опрема и покривање трошоци за учество на меѓународни форуми, објасни Деси Добрева.
Бугарското национално радио (БНР) е медиумски партнер на турнето „Гиздава“.
