ДЕСКОСКА ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО СЕМЕЈСТВАТА НА ЖРТВИТЕ ВО СЛУЧАЈОТ „МОНСТРУМ“
Министерката Дескоска ќе се сретне со семејствата на жртвите во случајот „Монструм“ и детално ќе ги информира околу преземените дејствија за екстрадиција на лицата од Косово, соопшти Министерството за правда.
Министерството за правда чувствува должност подетално да ја информира јавноста околу постапката за екстрадиција на двете осомничени лица во случајот „Монструм“, г. Демири и г. Исмаиловиќ.
Во постапката за екстрадиција на г. Демири и г. Исмаиловиќ, Министерството за правда ги прави сите напори двајцата бегалци од правдата да ги донесе во Република Македонија, притоа користејќи ги сите законски можности, но и билателарниот договор со Косово.
Првото барање за екстрадиција на лицата е испратено во март 2013 година. На 22 јануари 2016 година, Апелациониот суд на Република Косово го одбива првото барање за екстрадиција.
Откако беше комплетиран предметот повторно, од страна на министерката Дескоска беше испратено новото барање за екстрадиција, кое Министерството за правда на Косово го имаат примено на 05 септември 2018 година.
Во новото барање детално се задржавме на сите точки кои беа истакнати во претходно одбиено барање за екстрадиција. Од поднесувањето на барањето за екстрадиција – до денес Министерството за правда на Република Северна Македонија нема добиено никаков одговор од Министерството за правда на Косово, се вели во соопштението на Министерството за правда.