Грофе, да има светлина, многу светлина на твојот пат
In Memoriam: Љубимир Тошев (1952-2025)
Пишува: Владимир Перев
Воопшто не можем да се сетам каде се запознавме. Ми се чини дека бевме некаде на кафе, кон средината на осумдесетите години, во некоја од оние мали кафеани во Стара Чаршија и колку што се сеќавам, нѐ запозна Панде Ефтимов…рече дека се знаеле од затвор. Панде беше добра, солидна препорака. Присутните го викаа Гроф заради надменото држање, или Кент, затоа што пред него секогаш имало кутија цигари Кент. Тоа беше единствениот пат, јас и Љупчо да пиеме кафе. Брзо се пронајдовме како прилепчани со некакви недефинирани сватовски врски. Ние бевме роднини со неговите роднини во Софија и Асеновград, со браќата Божидар и Светозар Тошеви. Потоа поминаа денови и години на среќавања, секогаш со огромни количини алкохол, во задимените крчми полни со тутунски дим и со бескрајни разговори.
Љупчо Тошев беше маркантна личност. Средно висок, слаб, со густа (подоцна) проседа коса, со бујна непотстрижена брада, уредно облечен, беше персона која се памети. Не се среќававме често, но седевме долго, секогаш со чашите пред себе и цигарите во рака, водејќи бескрајни дискусии за литературата и човекот, за политиката и моралот, за мрачното минато и за веројатно уште по мрачната иднина која се назираше. Го мразеше редот и системот, било кој и било каков…беше олицетворение на оној анархизам, често виден кај нашите револуционери. Од нас вилееше надеж но и комплекси наследени од минатото на нашите предци, како и гневот и незадоволството од сопствените животи и страстите кои нѐ измачуваа.
Тешко бреме на своите плеќи носеше Љупчо Тошев. Не е лесна работа да си наследник на семејната, неверојатно богата историја на многубројното племе Тошеви, распрснати низ Македонија и Бугарија. Се дружеше со неговите роднини во Прилеп, со Гога Тошев, вечниот јавен обвинител на Прилеп и пријател на татко ми и на сите други егзархиски семејства. Во нивната куќа во дворот на црквата “Св. Благовештение“ било првото женско егзархиско училиште уште во осумдесетите години на 19. век. Тошевите учествувале во црковните борби, секогаш на страната на бугарите-егзархисти, па затоа беше и вниманието на Гога Тошев кон тие прилепски семејства. Тоа беше почит кон борбената традиција на Тошеви, почит кон нивните историски соборци.
Во Асеновград роднина на Љупчо (но и мој) беше докторот Светозар Тошев, лекар, високообразован интелектуалец и автор на најдобрата биографија на Пере Тошев- “На крвав пат“. Неговиот брат во Софија, Божидар Тошев беше универзитетски професор по математика, механика, статика и сродни науки на Универзитетот “Св. Климент Охридски“. Божидар беше Виенски студент и дипломец на градежниот и машинскиот факултет во Виена. Тошевите во Бугарија беа елитата, кремот на бугарското општество, врвот на високообразовани интелектуалци. Над сите нив, овде и таму, се надвиваше сенката и трагиката на личноста на Пере Тошев, еден од основачите на ТМОРО/ВМОРО…“Пере-совеста на Организацијата“. Филологот-македонист Крум Тошев, таткото на Љупчо и “творецот на нашата писменост“ беше само еден во долгата низа елитни личности од семјството кои го обележуваат 19. и 20. век, сѐ до денешни дни.
Тешко се носи тоа бреме. Секоја средба ни беше долга дискусија за историјата, за бугарите и србите, но најмногу за литературата. Беше одличен стилист, со кратка, јасна и бритка мисла и реченица. Темелно ја обработуваше секоја своја мисла во реченица, дотерувајќи ја до совршенство. Импресиониран беше од расказите на Борис Пиљнак и Исак Бабељ, но и неговите познавања на српската и бугарската раскажувачка литература беа импресивни. Двајцата го имавме прочитано Мирослав Крлежа до детали, но неговиот прочит на делото на Крлежа, ми отвораше нови, непознати видици, добивав нови сознанија и доживував неверојатни пресврти во моите сопствени размислувања. Љупчо беше дел од светот на “крлежијанците“ и тоа го покажуавше со гордост, па и презир кон оние кои не ја познаваа тематиката.
ВМРО, бугарите, загубените битки и војни, упорноста, непримиримоста и конспиративноста на Ванчо Михајлов беа редовна тема на ноќните седенки. Лесната одбојност кон србизмот и српската пропаганда, секогаш беше присутна во разговорите, но секогаш реална и коректна. Србите победија, ќе речеше Љупчо, успеаја во своите намери за србизација, ама победата им е заслужена…се покажаа подобри, поуспешни и поцеленасочени, подобро организирани од нас. Беа единствени!
Некаде кон средината на деведесетите години, во веќе самостојната Македонија, во посета на Филолошко-Философскиот факултет доаѓа големиот српски философ Никола Милошевиќ, познат како краен српски националист. Некој простак од ДБК (или од УКИМ, сеедно) заклучил дека најдобро ќе биде Љупчо Тошев да не присуствува на средбата. Го собрале и го држеле во полиција едно деноноќие, додека гостинот од Белград не си заминал. Денови и ноќи поминавме пиејќи и говорејќи за глупоста на оние кои треба да ја водат државата и образованието, ама сето тоа непотребно. Светот, “српскиот свет“ не се менува лесно…а и не треба да го менуваат, велеше Љупчо логично размислувајќи, тоа е успешен светоглед на српската империја.
Како одминуваа годините така се менувавме и ние, но тој само физички. Го гледав често околу моето маало, тука наблизу живееше и пазареше понекогаш во Тинекс-Зебра. Подостарен и малку неуреден (живееше сам, никогаш оженет) но со оној негов вечен пламен поглед, дрзок, предизвикателен и непомирлив. Не седнувавме во кафеаната во Зебра, и двајцата се плашевме да не заседнеме и се срамевме да не бидеме видени пијани. Одевме во малите кафеанчиња на “Костурски херои“ и седевме додека можевме да држиме алкохол и да платиме.
Љупчо си замина од овој свет разјаден од сопствените страсти и непомирливости, а некои од нас кои сме сѐ уште на овој свет, ги наследивме како завештание за сопствениот револуционерен непомирлив анархизам.
Светол да ти е патот Грофе, чекај нѐ таму!



