|

Деспотовски нема да бара апанажа: Ако сме способни за функции и ако сме оставиле чист образ, можеме да се снајдеме за понатаму

Досегашниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски кој извести дека утрово поднел оставка од функцијата, вели дека нема да бара апанажа. Смета дека функционерите кои оставиле чист образ, лесно можат да се снајдат.

„Навистина не мислам дека е оправдано пред граѓаните, носители на јавни функции кои патем кажано извршуваа и одговорни позиции, да останат на товар на граѓаните. Ако навистина сите сме толку способни да извршуваме такви одговорни функции тогаш навистина мислам дека можеме понатаму. Ако сме оставиле чист образ ќе можеме да се снајдеме и да функционираме понатаму како и сите останати“, рече Деспотовски и најави дека неговиот следен ангажман ќе биде целосно посветен на политиката и градењето на СДСМ во силна опозициска партија која ќе биде контролор на власта.

Тој нема официјална информација кој доаѓа на негово место, но вели дека освен директор, ќе треба да се избере и нов Управен одбор оти таков е системот во ТИРЗ.

Деспотовски е директор од крајот на 2020 година, период во кој смета дека ТИРЗ станал видлив, постигната е просечна плата од 43.000 денари што е 13 % повеќе од просечната плата, отворени се многу нови работни места и почнати се проекти за кои се надева дека неговиот наследник ќе ги продолжи.

На функцијата директор во ТИРЗ, Деспотовски дојде исто така од директорска функција во Фондот за иновации и технолошки развој каде што беше од 2017 година.



Слични Објави