ДЕТСКАТА БОЛНИЦА ВО ЗАГРЕБ ДЕМАНТИРА: 15-ГОДИШНОТО ДЕВОЈЧЕ НЕ Е МРТВО, НО Е ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА
Директорот на Клиниката за детски болести во Загреб, Горан Роиќ, во изјава за телевизијата N1, го демантираше Заводот за итна медицина, кои претходно потврди смрт на 15-годишно дете во земјотресот кој утрово го погоди хрватскиот главен град. Тој изјави дека девојчето е во многу критична состојба, но дека лекарите со сите сили се борат за нејзиниот живот.
„Набрзо по првиот потрес 15-годишно дете беше донесено во болницата. Требаше да се реанимира, што е направено и сега се работи на дополнителна дијагностика и мерки за интензивно лекување. Девојчето е во многу критична состојба, но правиме се што можеме за прецизно да се утврдат најкритичните повреди. Но детето не е починато, во критична состојба е, се спроведува дополнителна дијагностика“, потврди Роиќ во програмата на N1 телевизија.
Тој додаде дека имало повеќе повредени кои се пренесуваат во болниците, но се уште немало никој со посериозни повреди. Најави пристигнување на неколку деца кои ќе треба да бидат згрижени.
„Имаме доволно персонал и доктори, како во контекст на коронавирусот, така и во контекст на овој земјотрес, ние сме подготвени за сè“, заклучи Роиќ.
Извор: Макфакс