| |

Девет нови и проширени фабрики носат инвестициски бум во Пловдив

Девет нови или проширени производствени капацитети се градат во Пловдив и во рамките на „Тракија економска зона“, со инвестиции од стотици милиони евра и планови за отворање околу 1.960 нови работни места, јавува 24 часа.

Меѓу најголемите проекти е инвестицијата на германскиот концерн „Либхер“ од 90 милиони евра во селото Бенковски. Во новата база со површина од околу 20.000 квадратни метри ќе се произведуваат и тестираат компоненти за авионската индустрија, вклучително и за „Ербас“ и „Ембраер“. Првично се планираат до 200 нови работни места, а долгорочно повеќе од 600.

Француската „Шнајдер електрик“ гради нова високоавтоматизирана фабрика, при што само во опрема ќе вложи повеќе од 50 милиони евра, а вкупната инвестиција во следните пет години се очекува да надмине 70 милиони евра. Предвидени се 110 нови работни места.

Јапонската „Три-Вол“ инвестира над 30 милиони евра во фабрика за брановиден картон, која треба да вработи 150 лица. Кинеската Zes Yu, пак, вложува 19 милиони евра во производство на алуминиумски автомобилски делови, со околу 100 нови работни места. Проектот е првата целосно кинеска директна индустриска инвестиција во Бугарија.

Нови капацитети развиваат и бугарско-американската „Милара интернешнл“, која инвестира 22 милиони евра во фабрика за склопување електрични возила за градски превоз, како и турската „Одело“, која гради трет погон вреден околу 30 милиони евра за автомобилска електроника и специјализирани матрици. Двата проекта предвидуваат вкупно околу 350 нови работни места.

Меѓу инвестициите се и фабриката на Smart Power Grid за електроопрема, вредна 25 милиони лева, како и планираната прва база во ЕУ на кинеската Huashuo, која треба да функционира како производствен и развоен центар за зелена енергија.

Чешката BTL Industries веќе располага со високотехнолошки комплекс во Пловдив вреден 52 милиони евра, кој е и глобален логистички центар на компанијата. Во него работат околу 700 лица, а проширувањето предвидува уште 500 нови работни места.

Според објавените податоци, новите инвестиции ќе додадат околу 1.960 работни места на постојните приближно 71.000 во „Тракија економска зона“ и поврзаниот индустриски кластер. Стапката на невработеност во Пловдивската област е меѓу најниските во Бугарија, а уделот на високообразовани меѓу вработените достигнува 31 отсто.



Слични Објави