ДИК: Поднесени 312 кандидатури за градоначалници и 575 листи за советници за локалните избори 2025
По истекот на рокот за поднесување кандидатски листи за локалните избори 2025 година, во 80 општини и Градот Скопје се доставени вкупно 312 кандидатури за градоначалници и 575 листи за советници, информира Државната изборна комисија (ДИК). Во оваа бројка се вклучени и кандидатурите поднесени од политички партии, како и листите предложени од групи избирачи.
Најголем интерес е забележан во Градот Скопје, каде се поднесени 18 кандидатури за градоначалник и 20 листи за членови на Советот на Град Скопје.
Согласно Роковникот за локалните избори, општинските изборни комисии (ОИК) веднаш по приемот на листите ги доставуваат до надлежните институции за проверка на исполнетоста на условите, најдоцна до 14 септември. По завршувањето на проверките и евентуалните исправки на неправилности, потврдените листи се проследуваат до ДИК, кој најдоцна до 20 септември ќе го утврди редоследот на кандидатите во единствената листа.
По потврдувањето на кандидатурите, ДИК ќе ја објави конечната листа на сите учесници на изборите по општини.
