Во Трубарево поставена мерна станица за квалитетот на воздухот
Кај опожареното складиште во Трубарево денеска е поставена мерна станица која во реално време ќе го следи квалитетот на воздухот, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина, Изет Меџити, заедно со директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, проф. д-р Дејан Мирковски, извршија теренска посета на локацијата.
Меџити истакна дека станицата е поставена на негово барање и дека мерењата ќе се вршат континуирано, 24 часа дневно, со цел навремено информирање на јавноста. Податоците за квалитетот на воздухот ќе бидат достапни за граѓаните во реално време.
