Г. Г. Стефан: Благодариме на СПЦ што ја поздрави одлуката на Вселенската патријаршија
Во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград изутринава почна архиерејска литургија за воспоставување на „литургиско и канонско општење на двете сетрински цркви“, односно литургија на помирувањето, со која сослужуваат српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан, јавува МИА.
Литургијата се одржува, откако вчера Синодот на МПЦ-ОА ја прифати поканата на СПЦ за одржување литургија на помирување.
На заедничка литургија на поглаварите на МПЦ-ОА и на СПЦ и на владици од двете цркви во храмот „Свети Сава“ во Белград, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан во своето обраќање ѝ се заблагодари на СПЦ за тоа што ја поздравила одлуката на Вселенската патријаршија.
– Му благодариме на Бога што, еве, се исполни времето, па наидовме на братољубиво разбирање и кај Неговата Светост, патријархот г. Порфириј, заедно со членовите на Соборот на Српската православна црква, кои, само по неколку дена од донесениот акт на Синодот на Вселенската патријаршија, раководен од Неговата сесветост патријархот г.г. Вартоломеј и во истиот тој дух, донесоа одлука за воспоставување на евхаристиско и канонско единство помеѓу нашите помесни Цркви, истакна во својот говор архиепископот Стефан.
На литургијата за помирување која започна утрово во 9 часот во храмот Свети Сава во Белград, на која служеа Српскиот патријарх Порфириј и Архиепископот охридски и македонски Стефан, присуствуваше и архиепископот на Православната Охридска архиепископија Јован Вранишковски.

