| |

Димитар Аргиров: Задоен сум со песните на татко ми во Ансамблот „Пирин“

Бугарскиот пејач Димитар Аргиров до својата 18-та година живеел во Благоевград. Израснал во уметничко семејство, син е на познатиот бугарски народен пејач Илија Аргиров. Уште од дете растел со музика и песни. Својот талент го развива во повеќе правци и успева да ги спои изведбите на бугарски народни песни со рок музиката.

Во 2021 година Димитар Аргиров и Соња Чакарова излегуваат од рамките на фолклорот и снимаат нова музика во различен стил – фолк метал. Тие создаваат и нова рок група „Горјани“. Излезе и нивниот прв дуетски фолклорен албум „Душа гори, песна пее“ продуциран од Димитар Аргиров. Специјално за весник „Над 55“ Аргиров сподели за неговата силна поврзаност со изворниот фолклор.

– Како е да се биде син на Илија Аргиров?

– Пред сѐ чест и одговорност. Тоа што сум син на Илија Аргиров ми отвори многу врати и ми помогна да стигнам доста далеку во мојот развој. Се разбира, во основата на сè има и многу работа.

– А што е за вас ансамблот „Пирин“?

– Ансамблот „Пирин“ е присутен во мојот живот уште од моето раѓање. Отсекогаш бил извор на инспирација и љубопитност. Може да се каже дека пораснав со ансамблот, многу често присуствував на нивните концерти, татко ми цело време ме носеше со себе.

– Како да сте ги наследиле неговите пејачки способности…

– Поскоро јас сум задоен со народната музика – дома постојано се пееше и звучеше музика. Би било многу чудно и јас да не станав музичар.

– Како гледате на обидите за модернизација на народната музика и мешањето на стилови? Зарем не се добива контра ефект?

– Отсекогаш сум учествувал во рок групи и тоа не му пречи на фолклорот. Дури мислам дека на тој начин музичкиот хоризонт за мене е многу поширок и разновиден. Имам и рок песни на фолклорна основа, таканаречениот фолк-рок или фолк-метал стил. Но, не мислам дека на тој начин се обидувам да ја модернизирам народната музика. Повеќе наликува на нешто како симбиоза на одделни стилови и ритми.

Нерамноделните тактови од бугарскиот фолклор се уникатни и се присутни во песните на многу поп и рок уметници од светска класа. Меѓутоа, за мене модернизирањето на фолклорот, вметнувањето на нови звуци и инструменти кои не се својствени за автентичниот звук, е нешто кон што никогаш не сум се стремел.

Јас сум приврзаник на традициите, се трудам да ги интерпретирам моите песни како звук и аранжман колку што е можно поблиску до корените.

Во моите снимки не користам инструменти кои не се типични за автентичната народна музика.

– Од каде потекнува семејството Аргирови?

– Мајката на татко ми, мојата баба Марија е од Македонија, а дедо ми Аргир е од Сандански, тогаш Св. Врач.

Таму е роден татко ми, заедно со уште тројца браќа и една сестра. Дедо ми бил месар, биле многу сиромашни и работеле на тутунските насади. Татко ми ми раскажуваше дека наутро станувале во темница за да работат. Еден од неговите браќа – Андреј, сè уште е жив и живее во Стара Загора, веќе е многу возрасен, над 90 години, но сè уште свири на хармоника и пее.

Најстариот брат на татко ми успеал да побегне во Америка преку Италија и поради тоа целото наше семејство многу внимателно беше следено од тогашните тајни служби. Имало дури и обид за екстрадирање од Благоевград во слабо населените региони на Бугарија.

Името на татко ми е Илија Аргиров Николов – малкумина го знаат ова, да не речам никој… Тој го избра презимето за своето уметничко име – Илија Аргиров.

– Кога сме кај ДС, зарем таа служба за безбедност од времето на социјализмот не беше дел од опкружувањето на вашиот татко?

– Татко ми многупати им пееше на секакви партиски великани од тоа време, но никогаш не беше близок со нив. Тој не беше партиски член, што му донесе многу сопки во неговата творечка кариера. Да не си партиски член тогаш, значеше и помала плата, потешко рангирање за домување, автомобил и друго. Кој живеел во тоа време се сеќава на тие работи и знае за што зборувам.

Причина била бегството на брат му и неговото одбивање да се приклучи на партијата. Сè уште не сум бил роден, а мојот постар брат бил бебе кога сакале да ги иселат. Ги качиле во воз и само среќата им помогнала – татко ми случајно видел познаник и го замолил да му се јави на шефот на претседателот на БКП и да му каже што се случува. Реакцијата била многу брза и моето семејство успеало да се врати во својот дом.

– Што мислите за денешните млади изведувачи и музичари?

– Гледам многу млади и талентирани фолклорни изведувачи и тоа ме прави многу среќен. Нормално, малку од нив звучат автентично до степен да се поклопуваат со моето музичко разбирање, но сепак, времињата се различни и музиката се развива според тенденциите на нашата и на светската музичка сцена.



Слични Објави