|

Димитриевски повикан во МВР на информативен разговор

По анонимна пријава, градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски, бил повикан на разговор во СВР Куманово за наводен предмет за исплати и надоместоци на лица вработени во Општината, информира Димитриевски на прес-конференција.

„СВР Куманово постапува по анонимна пријава, во континуитет се случува истиот притисок врез работењето на Општина Куманово и врз мене како градоначалник. Целта е јасна – да бидам дефокусиран од моите секојдневни активности. Според наводите во пријавата, иако покрај тоа што од страна на вработените во Општина Куманово е постапувано во согласност со законот, плати се исплаќаат со децении во Општината и методологијата на пресметка е иста. Општината има потпишано и колективен договор за своите вработени, но сепак дадов свој исказ. Дополнително, по барање на лицата што ја водат постапката, ќе добијат дополнителни информации. Ова го ценам како еден класичен пример на злоупотреба од страна на поединци што менаџираат со овој ресор во партиско-политички цели на институциите“, рече Димитриевски.

Според него, тоа е преседан, а секојдневно, како што појасни, се пишуваат анонимни кривични пријави до МВР, од МВР завршуваат во Основно јавно обвинителство, се добиваат насоки за постапување, се отвораат предмети, кои на крајот резултираат со ништо и се трошат ресурси, ние ги плаќаме сите тие лица кои се ангажирани на тие активности, а во меѓувреме државата тоне во корупција. И тоа го потврдуваат сите релевантни амбасади во државата.

„Сметам дека ваквите постапки се депласирани, секако дека јас како градоначалник и вработените во Општината ќе соработуваат со секоја истрага што ќе се води. Но, веднаш ќе напоменам дека од страна на надлежните институции на сите наши поднесени барања како Општина и кон мене како градоначалник за постапување против н.н. лица, кои лажно ги постапуваат сите овие пријави, нема отворено ниту една постапка. Еве, по допрен глас, барам од Обвинителството да постапи и да отвори предмет, да ги откриеме кои се лицата што ги пишуваат ваквите анонимни пријави, а од друга страна, сметам дека постојат големи можности да се работи за чисти монтирани процеси, кои ќе нè дефокусираат од секојдневните наши активности“, истакна тој.

Оценува дека како се наближуваат изборите, така и притисокот е сè поголем.

„Апелирам надлежните што раководат и менаџираат со овие институции, особено со секторот МВР, кој се трансформира во МВРО со две „О“, да престанат со ваквите појави, да нè остават, граѓаните нè избраа да си ја вршиме нашата секојдневна работна задача, а не да го трошиме времето како тие што го трошат и да се фокусираат на разбивање на корупцијата во државата, која им е пред очи и сами ја признаа“, потенцира Димитриевски.

Слични Објави