|

Ковачевски: Ја поддржувам оценувачката мисија на ЕУ за Судскиот совет

Премиерот Димитар Ковачевски изрази поддршка ЕУ да испрати оценувачка мисија за работата на Судскиот совет.

Прашан за став, по најавата на евроамбасадорот Гир, Ковачевски рече дека не е првпат да има оценувачка мисија од ЕУ, а за тоа со евроамбасадорот Гир разговарале и пред една година.

„Нашиот судски систем е независен од Владата. На почетокот судиите беа избирани во парламентот, а сега имаме решение во кое судиите имаат доживотен мандат и се избираат од Судскиот совет како независно стручно тело, кое има свој интегритет. Оценката за нив повторно ја даваат судиите од Судскиот совет. Тоа е едно тело, кое само се избира, само се оценува и дава анализа што направило. Сметав дека такви системи често имаат друга слика за себе од онаа што има јавноста“, рече Ковачевски.

Добро е, вели тој, што во рамките на соработката со ЕУ сега ќе може да организираат процес и да ги проверат сите информации за Судскиот совет и да ги споделат од Европската комисија. Добро е и што потоа ќе бидат предложени соодветни реформи што ќе ја унапредат работата, смета премиерот.

Евроамбасадорот Дејвид Гир претходно најави дека ЕУ испраќа оценувачка мисија во земјата за скандалите во Судскиот совет. Гир појасни дека се работи за советодавна група, а она што се случувало во изминатиот период е загрижувачки.

Слични Објави