Директорка дала подарок од 6.000 денари за престанок на мандат на член на училиштен одбор, што не е предвидено во правилникот
Подарокот од 6.000 денари за престанок на мандат на член на училиштен одбор во средното економско-правно училиште „Васил Антевски-Дрен“ денес се најде на седницата на Советот на Скопје. Советничката Ирена Попова од ВМРО- ДПМНЕ побара од директорката на училиштето објаснување за подарокот и постапката низ која минала одлуката, која е дел од извештајот за стекнување и распределба на средства во училиштето „Васил Антевски-Дрен“.
„По кој член од правилникот се одвојуваат средства за подарок за престанок на мандат на член на училиштен одбор? Ова не е во согласност со правилникот. Во моето досегашно искуство вакво нешто немам сретнато, затоа барам објаснување од директорката“, рече советничката Попова.
Директорката на училиштето, Тања Јовановска, пред Советот објасни дека подарокот е благодарност за беспрекорната соработка.
„Одлуката да се исплатат 6.000 денари за престанок на мандат на член на училиштен одбор е за претседател на училиштен одбор со два мандата, осумгодишно постоење. Одлуката е резултат на нејзината соработка, учество и придонесот за развојот на училиштето. Во училиштето ние имаме и одлука со која исто така за 6.000 денари купуваме подарок за ученик на генерација и сметам дека една таква одлука овозможува да искажеме една голема благодарност за член на училиштен одбор што придонел за развој на училиштето. Два мандата, јас сум ја наследила колешката, беспрекорна соработка“, објасни директорката Јовановска.
Советничката Попова, по ваквото објаснување, рече дека едно е награда на ученик предвидена со правилникот, а друго е доделување награда за некој за кој смета дека е истакнат. Бидејќи ваков подарок не е предвиден во правилникот, советничката Попова рече дека нема да гласа за извештајот, но и без нејзиниот глас, извештајот беше усвоен.
Советничката Попова имаше забелешки и за средното училиште „Панче Караѓозов“, каде што како посмртнина биле исплатени 50.000 денари од сметката на училиштето, без оваа одлука да ја мине предвидената процедура во Град Скопје, за што доби објаснување дека, всушност, се работи за помош за почината вработена. Забелешки имаше и за СУГС „Боро Петрушевски“ за исплата на 1,5 милион денари од сметката на училиштето на име други надоместоци, а од директорот на гимназијата „Орце Николов“ побара објаснување зошто ја плаќал струјата од сметката со средства од самофинансирање, но за овие две училишта не доби објаснувања од директорите.
Советот ги изгласа извештаите за стекнување и распределување средства за минатата година на сите средни училишта.