Директорот на психијатриската болница во Бардовци згрозен од тепањето на пациентот, и самиот признава дека болницата не била безбедна
Директорот на психијатриската болница во Бардовци, Мухсин Арифи, се огласи по видеото, на кое се гледа како пациенти тепаат новодојдено лице во установата.
Директорот образложи дека станува збор за пациенти сместени на судското одделение, каде што се третираат пациенти со изречена мерка од надлежен суд, односно лица што сториле кривични дела, како убиство и обид за убиство.
„Со сета должна почит кон моите претходници, би сакал да потенцирам дека затекнав состојба во која болницата функционира во отежнати кадровски, технички и безбедносни услови. Ве известувам дека, од моја страна, по настанатиот случај, преземени се сите безбедносни мерки за заштита на пациентите и известени се надлежните институции, кои во моментот се грижат за безбедноста“, рече директорот.
Додаде дека очекува во најкраток рок институционално решавање на случајот, а во меѓувреме почнал со воведување мерки и механизми за превенција на вакви идни немили настани. Крајната цел, вели директорот, е да се постигне трајно решение за подигнување и одржување на безбедноста во болницата и подобрување на условите за нејзино нормално функционирање.
„Макфакс“ објави вчера вознемирувачко видео, на кое пациенти во психијатриската болница во Бардовци снимаат и тепаат новодојден пациент.
На видеото се слуша како еден од пациентите бара од човекот да се претстави, а потоа им дава насоки на другите во просторијата да го тепаат.
„Седи тука, воспитни! Така се пречекуваат новите гости“, се слуша на видеото.