ДКСК ОБЈАВИ ИМОТЕН ЛИСТ НА НЕКОИ ОД НОВИТЕ ПРАТЕНИЦИ

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) објави имотен лист на некои од новите пратеници во Собранието.

Според неа, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, и секретар за надворешна политика на оваа партија, Тимчо Муцунски, во 2018-та година купил возило марка “Ауди”, кое чини 1,75 милиони денари. На свое име Муцунски не пријавил недвижен имот.

Кандидатката за претседател на последните претседателски избори од таборот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, пријавила дека има депозити во банка, едниот во износ од 55.668 евра и 3.508 на девизна штедна книшка, а другиот е 11.523 евра на девизна сметка.

Пратеничката на СДСМ, Марија Костадинова, довчерашна директорка на основно училиште во Миравци, пријавила имот на компанија во вредност од 19,2 милиони денари.

Лолита Ристова од Неготино располага со деловен простор во својот град од речиси 2 и пол милиони денари. А Марија Ангелова од Чаир од личен имот навела дека има само девизен депозит од 5.800 евра.

Лазе Таневски, пратеник на СДСМ, кој доаѓа од бизнисот, заедно со својот брачен другар поседуваат пет стана, од кои три во Охрид и два во Скопје. Вкупната вредност на становите изнесува 15,3 милиони денари. Покрај становите, овој бизнисмен има и земјоделско земјиште од 14 милиони денари во охридско Арбиново како наследство.

Моника Зајкова од ЛДП како сопственост пријавила автомобил „поло“ од 250.000 денари, како и долгорочен кредит од 3,69 милиони денари, а интересно е и тоа што пријавила златен накит на нејзините родители од 12.000 евра.

Артина Ќазими, која има 23 години е најмладот пратеник. Таа доаѓа од редовите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Како свој личен имот има куќа и двор во вредност од 19,1 милиони денари во Добридол.