| |

Доц. Светослав Живков: Деструктивните руски митови го поткопуваат бугарскиот идентитет

Најважниот мит од гледна точка на современоста е дека денешна Русија има некаков удел за бугарското ослободување и создавање на Третата бугарска држава. Овој мит се храни со другиот мит – за двете познати ослободувања. На тој начин бугарското ослободување се вклопува во настаните од 1944-1945 година, кои според модерното руско толкување се еден вид ослободување од фашизмот.

Ова во интервју за БГНЕС го изјави доц. д-р. Светослав Живков од Историскиот факултет на СУ „Св. Климент Охридски“. Со него разговараме за митовите околу Руско-турската ослободителна војна (1877-1878) и создавањето на Третата бугарска држава.

„Митовите имаат чисто политичка димензија. Оној за двете ослободувања и служи на современата руска надворешна политика “, рече доц. Живков.

Тој објасни зошто според него овој мит има многу мала врска со реалноста.

„Империјата на Романови која ја започна Руско-турската војна, институционално нема ништо заедничко со денешна Русија која е наследник на СССР. Октомвриската револуција во 1917 година и успехот на болшевиците ја ликвидираа онаа Русија која придонесе за бугарското ослободување“, објаснува проф. Живков.

Денес гледаме како претседателот Путин и групата околу него се обидуваат да го вклопат наративот за бугарското ослободување со настаните од Втората светска војна.

„Руската пропаганда во Бугарија го користи сето тоа, а ние сме сведоци на срамни појави во кои се комбинираат христијански симболи со портрети на Ленин, Сталин, петокраки, чекани и српови“, рече историчарот и нагласи дека тоа нема никаква врска со бугарското ослободување.

Според него, има многу фактори зошто и понатаму сме заробеници на оваа митологија.

„Без да се обидувам да им правам градација, еден од важните фактори е традиционалното бугарско русофилство кое не е толку политичко, колку што е на ниво на човечки перцепции. Различни владејачки кругови во Русија во различни периоди го искористија тоа за да ги постигнат своите цели“, истакна историчарот. Тој даде и конкретни примери. Еден од нив е злогласната Соболева мисија на крајот на 1940 година. „Тогаш русофилството се користело со цел нашата земја да стане советска република. Подоцна, за време на комунистичкиот режим, тоа латентно русофилство исто така беше искористено на прилично ефикасен начин. Денес сме сведоци не на истата, туку на слична политика“, вели историчарот.

Тој нагласи дека освен латентното русофилство, има и значителни напори на Русија за одржување на проруското лоби во Бугарија. „Тоа ги зајакнува тие чувства и се грижи да ги поддржува. Тука работите се на многу нивоа: политичко, економско“, рече доц. Живков.

Историчарот смета дека разбивањето на митовите не е само работа на науката. Во ова треба да се вклучат општествено значајни и пред сѐ просветени луѓе. Тој истакна дека сите митови не се лоши и дека секоја нација си има свои митови. „Во конкретниот случај тие не и служат на бугарската нација и на бугарскиот национален идентитет, туку дејствуваат во спротивна насока. За да може бугарското општество да оди напред, мора да се ослободи од тие деструктивни митови за нашата нација кои го поткопуваат идентитетот и настојуваат да ја оттргнат Бугарија од демократскиот пат по кој тргна пред 30 години“, изјави доц. Живков.

Посака националниот празник да го дочекаме како национален празник. „Главната функција на националниот празник е да ја сплотува нацијата. За жал, 3 март во последниве години ја разединува нацијата со сите тие контроверзии за улогата на Русија во нашата историја. Во таа насока треба да размислиме дали овој ден треба да остане национален празник, но да го одложиме овој разговор за делничен ден“, изјави за БГНЕС доц. Светослав Живков.

Слични Објави